Третиот осомничен за убиството кај Мавровка сѐ уште е непознат за органите на прогонот

 

Идентитетот на третиот осомничен за вчерашното убиство кај Трговскиот центар Мавровка сѐ уште е непознат за полицијата и Јавното обвинителство. Барем така може да се заклучи од соопштението на ОЈО во кое соопштија детали за тоа што се случувало вчера во 10 часот на паркингот кај Мавровка.

-На 20 август, со пиштол марка „ГЛОК“ со калибар 9 милиметри, што го поседувал без дозвола, осомничениот на паркинг просторот на улицата „Филип Втори Македонски“ во Скопје, позади ТЦ „Мавровка“, со умисла и од користољубие лишил од живот едно лице, по што од сопругата на жртвата одзел торба со лаптоп и избегал со автомобил „Ауди“ без ргистарски ознаки. На местото пристигнало и второ возило „Цитроен“ со белгиски регистарски ознаки, од кое излегло засега непознато лице и од багажникот на автомобилот на жртвата одзело гајба со рачен алат и исто така се оддалечило.  Автомобилот „Цитроен“ вториот осомничен го оставил во Гази Баба и се качил во автомобилот „Ауди“, по што продолжиле да се движат, но на улицата „Стојна Стефкова“ биле пресретнати од полициски службеници. Додека другото лице управувало, сега осомничениот излегол од совозачка врата и пукал, обидувајќи се да ги лиши од живот полицајците кои сакале да го запрат. Четворицата полициски службеници во самоодбрана испукале неколку предупредувачки проектили во воздух со службеното оружје, па го совладале и привеле осомничениот. Другото лице се дало во бегство и по него се трага, велат од ОЈО.

За првоосомничениот доставен е предлог за определување мерка притвор. Според ОЈО, тој ќе одговара за убиство, убиство во обид и за нелегално поседување оружје. Вториот осомничен е ослободен по распит во полицијата.

 

21.08.2024 - 15:07

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега