Трендафилов: ССМ подготвува нова пресметка на синдикалната кошничка која е пореална на денешните состојби
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов најави дека во четврток ќе презентираат нова пресметка на синдикалната кошничка која ќе биде пореална на денешните состојби.
На гостување во телевизија Телма, Трендафилов рече дека тоа ќе биде нивниот главен аргумент во процесот на преговарање во 2024 година.
- Едната пресметка беше во 2011 година, сега сме 2023 година. Сметавме дека таа е надрасната и треба да се стават дополнителни ставки кои се неопходни денес, како на пример образование, здравство, станарина, зборуваме за храна и пијалок, за едно парче гардероба по сезона, не зборуваме да ги наполните торбите во некој мол. И затоа пресметката на синдикалната кошничка која ќе биде презентирана во четврток ќе биде пореална на денешните состојби. И таа сакаме да ни биде главен аргумент во процесот на преговарање во 2024 година, без разлика дали ќе остане оваа влада или ќе биде друга, рече Трендафилов.
Во однос на платите на избраните и именувани лица чии плати со одлука на Уставниот суд беа зголемени за 78 проценти, Трендафилов рече дека пратениците се обединети кога станува за нивните плати.
- Ниту една политичка партија, ниту еден пратеник не се одважи на нашиот предлог за измени на законот. И позиција и опозиција сложно молчат кога станува збор за нивните плати. Нас, работниците и пензионерите тоа не лути, односно дека нема зголемување за нас, а за нив има, рече Трендафилов.
И министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска истакна дека не се согласува со одлуката на Уставниот суд и дека ако требало да се донесе таква одлука, тоа требало да се случи уште во 2012 година, а не после 11 години. Таа уште еднаш посочи дека треба да се променат седум закони, но верува дека доколку постои волја од сите засегнати страни дека е можно да се најде решение.
- Во Владата има само 45 функционери кои земаат ваква плата. Таква плата земаат 120 пратеници, градоначалници, и се останато е судии и јавни обвинители. И сега Владата е најкрива затоа што Уставен суд донел одлука, а пратениците имаат предлог решение од ССМ, а молчат. Владата и да достави предлог, тие пак ќе молчат или ќе настане пазар таму, рече Тренчевска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа