Тренчевска: САСА е пример за современ руднички комплекс кој се грижи за родовата еднаквост
Во рамки на активностите посветени на економското зајакнување на жената, кои се спроведуваат во текот на месец март во склоп на кампањата „Гласна и храбра“, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска го посети рудникот САСА. На средбата со раководниот и техничкиот тим на САСА, министерката се запозна со сите позначајни аспекти од работата на САСА, како и со ефектите од континуираните вложувања во модернизација на производството, во безбедноста и условите за работа, во професионалниот развој и благосостојба на вработените, како и во областите на животната средина, одржливиот развој и поддршката на локалната заедница.
Посебен акцент на средбата беше ставен на активностите и вложувањата на САСА насочени кон охрабрување и јакнење на жените, како и обезбедување конкретна поддршка за нивниот кариерен развој во компанијата и воопшто во рударската индустрија.
Министерката посети и дел од индустриските постојки на САСА, каде директно се запозна со работните процеси и разговараше со вработените, меѓу кои и со жените – членови на тимот на САСА од различни професионални профили и работни позиции. Компанијата континуирано работи на зголемување на бројот на жени вработени во рудникот и нивната процентуална застапеност сега е 8,9 % од вкупниот број вработени.
„Економското зајакнување на жените значајно влијае на постигнувањето родова еднаквост во сите сектори и во намалување на родово базирана дискриминација, што е еден од најзначајните приоритети на кои сме посветени во министерството. Драго ми е што гледам дека и во рударството сѐ повеќе се менува перцепцијата и се рушат табуата околу традиционалната поделба на машки и женски професии. САСА е одличен пример за тоа како компаниите треба да создаваат средина во која жените и мажите имаат еднакви можности за кариерен развој“, истакна министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на средбата со жените – вработени во САСА.
Министерката информираше и дека во рамки на тековниот инклузивен процес на подготовка на новиот Закон за работни односи, утврдена е и потребата од усогласување на домашната регулатива со современите светски гледишта и практики за еднаков третман на мажите и жените во поглед на правата од работен однос, што помеѓу другото ќе отвори и нови можности за кариерен развој на жените во рударската индустрија.
„Благосостојбата на сите наши вработени и нивниот развој отсекогаш била и ќе остане една од главните заложби на САСА и на групацијата Централ Азија Металс каде што припаѓаме. Активностите и вложувањата што ги правиме за поддршка, охрабрување и јакнење на жените во САСА, но и на оние во локалната заедница, се важен дел од овие наши заложби и истовремено се дел од нашата интегрална стратегија за одржлив развој која го трасира патот кон подобра иднина за сите оние кои на каков било начин се поврзани и можат да имаат придобивки од работењето на САСА“, рече генералниот директор на САСА, Кристофер Колбурн, заблагодарувајќи ѝ се на министерката и на останатите институции на национално и локално ниво за нивниот досегашен интерес и соработка.
За време на престојот во САСА, министерката Тренчевска имаше прилика да се запознае и со прогресот во реализацијата на новиот капитален проект, во кој се инвестирани околу 25 милиони долари, а кој ќе овозможи стабилна работа на САСА во наредните години, уште поголема сигурност и стабилност на работните места и отворање можности за нови вработувања, натамошно унапредување на безбедноста и животната средина, како и дополнителни придобивки за локалната заедница и пошироко за земјата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа