Трамп сведочеше и го вознемири судијата: „Адвокату, контролирај го клиентот“

Доналд Трамп денеска сведочеше под заклетва за време на судењето во Њујорк. Во судот нема камери, но новинарите известуваат што се случува врз основа на информациите што ги добиваат од судницата. Трамп, фаворит за републиканската претседателска номинација во 2024 година, е обвинет заедно со неговите два сина и речиси десетина деловни соработници дека ја зголемил вредноста на својот имот за милијарди долари за да обезбеди поповолни услови за кредитирање и осигурување.

Демократската њујоршка јавна обвинителка Летиција Џејмс бара парични казни од најмалку 250 милиони долари, трајна забрана против Трамп и неговите синови Доналд Џуниор и Ерик да водат бизнис во Њујорк и петгодишна забрана за комерцијални недвижности за Трамп и неговите компании. Судот веќе пресуди дека поранешниот американски претседател е одговорен за измамата и сега ја разгледува висината на отштетата.

Трамп пред судот беше прашан за неговата одговорност при составувањето на финансискиот извештај за 2014 година, на што поранешниот американски претседател рече дека тој е одговорен за давање на информациите. Тој додаде дека неговата сметководствена фирма Мазарс немала проблем со ова и го доставил извештајот.

„Доналд Џ. Трамп е одговорен за подготовка и правично презентирање на финансиските извештаи во согласност со сметководствените принципи општо прифатени во Соединетите Американски Држави и за дизајнирање, спроведување и одржување на внатрешна контрола релевантна за подготовката на финансиските извештаи“, рече претставник на државниот обвинител на Њујорк.

Првиот половина час од сведочењето го одбележаа приговорите на судијата Артур Енгорон бидејќи тој стануваше нетрпелив со предолгите и малку нејасни одговори на поранешниот американски претседател. „Адвокату Кис, можете ли да го контролирате вашиот клиент? Ова не е политички митинг, ова е судница“, му рече Енгорон на адвокатот на Трамп, Крис Кис.

„Покрај тоа што одговорите не се задоволителни, тие се повторуваат. Немаме време за губење. Имаме само еден ден за ова сведочење. Кис, тоа беше едноставно прашање да или не, и добивме уште еден говор. Ве молам да го контролирате. Ако не можете, јас ќе го направам тоа“, додаде тој.

За време на сведочењето, Доналд Трамп се наведна кон микрофонот и рече дека тоа е многу нефер судење: „Ова е многу нефер судење. Многу, многу нефер. Се надевам дека јавноста гледа“.

После тоа судот одреди пауза од 15 минути.

06.11.2023 - 18:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега