Трамп собра вртоглава сума пари за претседателските избори откако против него беше поднесено обвинение
Тимот на претседателската кампања на поранешниот американски претседател Доналд Трамп соопшти дека собрал 7 милиони долари откако минатата недела беше објавено федералното обвинение против Трамп, кое според него е политички мотивирано и неосновано.
Тимот на кампањата на Трамп вчера соопшти до поддржувачите дека повеќе од 4,5 милиони долари се собрани преку Интернет, додека 2,1 милиони долари се собрани на собирање средства во вторникот во клубот Бедминстер во Њу Џерси.
Портпаролот на Трамп, кој е фаворит за републиканската претседателска номинација, подоцна испрати е-пошта до „Ројтерс“ во која вели дека собраните средства ја поминале границата од 7 милиони долари од објавувањето на обвинението.
Пред федералниот суд во Мајами во вторникот, Трамп се изјасни за невин по сите 37 точки од обвинението. Анкетите покажуваат дека мнозинството републиканци, или околу 81 отсто според анкетата на Ројтерс/Ипсос што заврши во понеделникот, веруваат дека обвинувањата против Трамп се политички мотивирани.
Обвинението, објавено во петокот, го товари Трамп за 37 кривични дела поврзани со собирање доверливи документи во неговиот имот Мар-а-Лаго на Флорида. Обвинението вклучува и наводи дека Трамп, меѓу другото, чувал документи во балската сала и бањата на неговата палата.
За најтешките кривични дела во обвинението се предвидени потенцијални затворски казни до 20 години, но на сторителите ретко им се изрекува максимална казна, со оглед на тоа што одлуката ја носи судијата на крајот од постапката.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа