Трамп го покани Бајден на дебата
Неколку часа откако ривалката на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, Ники Хејли се откажа од трката за републиканска номинација за Белата куќа, тој го предизвика актуелниот американски претседател Џозеф Бајден на ТВ дебата „во секое време, каде било“, јавува Би-Би-Си..
„Важно е, за доброто на нашата земја, Џо Бајден и јас да разговараме за прашања кои се толку важни за Америка и американскиот народ“, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Вистина“.
Изборниот штаб на Бајден не кажа дали тој ќе учествува во дебатата со Трамп, но му предложи на републиканскиот кандидат „ако е толку очаен да го види претседателот Бајден во ударниот термин, не мора да чека“ и дека може да гледа вечерашното обраќање на претседателот пред Конгресот за состојбата на нацијата.
Трамп беше жестоко критикуван откако одби да учествува во ТВ дебати со неговите републикански ривали за номинацијата на партијата за Белата куќа овој изборен циклус, јавува Би-Би-Си.
Бајден и Трамп ги постигнаа очекуваните победи на партиските избори и речиси е сигурно дека двајцата, како и пред четири години, повторно ќе ги одмерат силите во борбата за место во Белата куќа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа