ТИРЗ: Претставена првата генерација 32 амбасадори на проектот „Иднината почнува дома“
TИРЗ и Стопанската комора ја претставија првата генерација амбасадори во рамки на проектот „Иднината почнува дома“. 32 млади успешни и инспиративни луѓе од различни сфери беа избрани заедно со пошироката јавност, ТИРЗ и Стопанската комора. Бројката од 32-ца млади, амбасадори на „Иднината почнува дома“, симболизира 32 години од независноста на Македонија кои преку својот пример придонесуваат за нејзиниот иден раст и развој.
Меѓу амбасадорите на „Иднината почнува дома“ се и актерката Дарја Ризова, деветгодишниот математичар гениј Македон Димитриевски, пијанистот Дино Имери, Борче Стаменов од иницијативата „Донирај компјутер“, наставничката Весела Богдановиќ, единствена македонска добитничка на глобалното признанието „50 најдобри едукатори во светот“, олимпиецот Дејан Георгиевски, како и стопанственици, професори, граѓански активисти, културни работници, студенти и ученици.
Во своите пораки претседателот на државата Стево Пендаровски и директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски истакнаа дека овие луѓе и уште многу како нив треба да го добијат вниманието на јавноста како пример на идни лидери кои ќе ја движат државата напред.
„Политичките лидери креираат рамка, но овие луѓе ја движат државата напред. На младите, квалитетни луѓе, треба да им се даде видливост. Ни требаат лидери во дигиталната сфера, луѓе кои се борат за човекови права, за лицата со посебни потреби, за здрава животна средина,… Во една прилика кажав и сега ќе повторам, најголемата закана за земјава е демографијата, иселувањето на младите. Имаме паметни деца, тие мора да влечат напред“, истакна претседателот Пендаровски и додаде:
„Имаме супер квалитетни луѓе на кои мора да им даваме видливост, а и сите треба да учиме од нив. Треба со наш памет да ја туркаме државата напред. Младите стојат зад секоја општествена промена. Ние повозрасните може да помагаме со сугестии, но тие влечат напред“, истакна Пендаровски.
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски посочи дека ова е само прва фаза на проектот и најави продолжување со конкретни иницијативи за младите. Тој додаде и дека кога станува збор за иднината на државата, а посебно за младите, квалитетни луѓе, матрицата мора да биде натпартиска.
„Заокружуваме прва фаза на оваа иницијатива. Во последниве два месеца овозможивме 32 млади луѓе, секој успешен во својот дел, да им се слушнат успешните приказни. Она што ме радува е дека успеавме нивната порака да допре до над 1,5 милиони наши сограѓани. Па така ако сме успеале барем кај дел од нив да ги поттикнеме да размислуваат низ овие позитивни примери и да сфаќаат дека иднината навистина почнува дома, тогаш навистина сме постигнале голем успех.
Позитивниот одек во јавноста ни наметнува да продолжиме. Следната фаза е проект, односно формирање на платформа, организација или сл. за да ја организираме оваа критична маса на успешни луѓе кои не се политичари, а кои со свои конкретни предлози, иницијативи и мерки ќе се наметнат како глас во општеството кој ќе работи за позитивни промени во сите сфери што ги засегаат граѓаните, а особено младите, “рече Деспотовски и додаде дека „всушност, ова се луѓето кои треба да бидат вест, не треба политичките вести секогаш да бидат доминантни “.
ТИРЗ и Стопанската комора го почнаа концептот „Иднината почнува дома“ во декември 2023 година. Целта на иницијативата е креирање платформа преку која овие успешни млади ќе ги мотивираат младите но и ќе придонесат во креирањето на политики и иницијативи наменети за поддршка на младите во земјава.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа