Телма: Сопругата на тендерџијата Адеми била меѓу најголемите донатори на ДУИ

 

И сопругата на добитникот на тендерот од 1,8 милиони евра од Министерството за надворешни работи (МНР) е меѓу најголемите донатори на ДУИ. Фирмата Виаком во сопственост на Арбе Адеми минатата година ѝ донирала на ДУИ 1,8 милиони денари, или околу 30 илјади евра, покажува годишниот извештај за донации на партијата, пренесе Телма.

-Фирмата на нејзиниот сопруг Елмедин Адеми, Еуровија од Желино, исто така донатор на ДУИ, доби 1,8 милион евра на тендер за преадаптација на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ заради Самитот на ОБСЕ што треба да се одржи во декември. Тендерот го организираше Министерството за надворешни со кое раководи Бујар Османи, кадар токму на ДУИ. Антикорупциската уште пред неколку дена најави дека ќе проверува дали има злоупотреби, објави телевизијата.

Османи реагираше дека немало никакво политичко влијание при изборот, туку била избрана најевтината понуда.

„Знам дека не ви се верува, но јас од медиумите дознав дека компанијата е донатор“, рече завчера Османи.

Министерството за надворешни работи денеска ја достави документацијата за тендерот до Антикорупциската комисија и до Обвинителството.

„Министерството апелира до надлежните институции да придадат посебно значење и приоритет на овој предмет, имајќи ги предвид импликациите кои се предизвикани со бројните шпекулации кои се појавија во јавноста“, соопшти МНР.

Инаку, фирмата Еуровија и нејзиниот сопствник Елмедин Адеми се најголемите донатори на ДУИ во 2022 година. Според годишниот извештај за донации на ДУИ, Адеми минатата година ѝ донирал на партијата 2,5 милиони денари (околу 40 илјади евра), а фирмите Еуровија и Виаком по 1,8 милиони денари (околу 30 илјади евра).

-Во ова има два спорни моменти. Според одредбите на законот за финансирање политички партии, партии не можат да се финансираат од „приватни претпријатија кои во моментот на давање прилог за политичката партија вршат јавни услуги за државни органи или за јавни установи, претпријатија и фондови по пат на договор“. Адеми негираше дека токму таа Еуровија донирала со оглед на тоа што има повеќе фирми кои го содржат тоа име, но се дел од истоимената поголема групација. Другиот спорен момент е што донациите ги надминуваат законските ограничувања. Според законот, поединец може да донира до 30 просечни плати годишно, а фирма до 60 просечни плати. Адеми донирал двојно повеќе од дозволеното, пренесе Телма.

Извори од повеќе институции тврдат дека ДУИ ги вратило вишокот пари на својот донатор без да откријат на кој датум се случило тоа.

01.09.2023 - 17:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега