Таравари најави можно спојување на четирите партии од „Вреди“ во една после локалните избори
Министерот за здравство Арбен Таравари најави можно спојување на четирите партии од коалицијата „Вреди“ во една партија после локалните избори во октомври годинава. Во неделното интервју за Радио слободна Европа (РСЕ) тој вели дека до локалните избори сигурно нема да има спојување на „Вреди“, но:
-После локалните избори веќе сме размислувале и сме зборувале за тоа, можеби и може да се случи евентуално спојување на сите четири партии во една партија, рече тој.
За кандидати на „Вреди“ на локалните избори, Таравари вели дека се зборува и се прават анкети за некои имиња.
-Во повеќето општини, каде што мнозинство, односно има шанси и Албанците да победат, повеќе се Албанци, размислуваме за потенцијални кандидати. Меѓутоа, се надевам, кон крајот на март, ќе излеземе и со предлози кои би биле нашите кандидати во одредени општини за идни градоначалници, вели тој.
Во интервјуто за РСЕ, Таравари се осврна и на последната одлука на Основниот суд Тетово кој пресуди дека печатите на Алијанса за Албанците (АА) и официјално му припаѓаат на Зијадин Села. Најави дека ќе ја обжали одлуката на Судот бидејќи, како што вели, важно е кој ги има членовите, а не печатите.
-Ние продолжуваме, сега оди во Апелација, партијата продолжува комплетно да функционира и 80 отсто од членството, и повеќе од 80 отсто од членството се во Алијанса за Албанците. Меѓутоа, често велам ирелевантно е кој како ќе се нарече. Партиите и сите институции се на луѓето, на членовите на општеството, а не на индивидуи. Јас сум моментално, утре ќе биде некој друг, вчера беше Зијадин и така натаму… Важно е кој ги има членовите, а не кој како ќе се нарекува, вели Таравари во интервјуто за РСЕ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа