Стружани ќе паузираат со пливање два дена - се појави дефект

Поради проблем во одводот кај туш кабините и негова санација базенот во Струга ќе биде затворен за посетители два дена, потврди за МИА Јаков Попоски, вработен во базенот.

Тој појасни дека базенот се затвора превентивно заради зачувување на хигиената во базените, додека инвеститорот го санира проблемот и додаде оти се работи за мал зафат.

- По официјалното отварање на базенот се забележа дека одводот не функционира нормално и дел од сифоните почнаа да течат, поради тоа изведувачот ја исполнува обврската за санација во гарантниот рок, изјави Попоски.

Затворениот пливачки базен во Струга, кој 20-тина години беше руина, беше целосно реконструиран и официјално пуштен во употреба во декември минатата година. За реконструкцијата беа инвестирани околу 99 милиони денари преку Агенцијата за млади и спорт, а предаден во сопственост на ЕСМ. Во него има голем олимписки базен, кој ги исполнува сите стандарди за меѓународни натпревари за пливање и ватерполо, како и мал базен.

19.03.2024 - 18:00

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега