Струмица направи историски чекор: Прв град на Балканот со целосно електричен јавен превоз


Струмица денеска одбележува 80 години од ослободувањето и истовремено започна да испишува ново поглавје во нејзиниот развој. За прв пат во својата историја, доби јавен градски превоз и тоа не класичен, туку со 10 нови електрични автобуси. Од денеска, Струмица е првата општина не само во државата, туку и на Балканот со целосно електричен јавен градски превоз.

Овој историски настан за струмичани се одржа на градскиот плоштад во присуство на претставници на дипломатски претставништва, меѓународни организации, Аутомакедонија и Анадолу Исузу, на Струмичката епархија, советници, претседателот на СДСМ Венко Филипче и поголем број граѓани.

За градоначалникот Костадин Костадинов, одлуката да се имплементира целосно електричен јавен превоз е дел од пошироката стратегија и големата слика за општина Струмица која била, е и ќе биде предводник на прогрес и поубав живот за сите нејзини жители.

-Овој проект е јасен пример за тоа како храбрата визија и непоколебливата посветеност, моја лично, на тимот кој стои зад мене и на Советниците во Општината, се гаранција за трансформативни резултати кои вистински имаат позитивно влијание и се од важност за граѓаните. Денес не разговараме само за транспортно решение, туку за инвестиција во здравјето и благосостојбата на нашиот народ, нашите деца и генерациите што доаѓаат. Но, придобивките не се само еколошки! Со изградба на автобуската база во чии рамки ќе бидат поставени фотоволтаични колектори на 5.000 метри квадратни кровна конструкција, со зелена енергија во целост ќе ги задоволиме потребите од полнење на електричните автобуси, без дополнителни трошоци! Ова во праксазначи дека ќе ги намалиме оперативните трошоци и ќе создадеме заштеди што може да се реинвестираат во други витални области. Покрај ова, со вишокот енергија ќе ги осветлуваме улиците на Струмица, со што ќе го олесниме буџетот на граѓаните. Создаваме систем кој нуди вистински финансиски заштеди за Струмичани, обезбедувајќи пристапно превозно средство за учениците, за вработените, за семејствата. Градиме отпорен, издржлив, економски здрав систем на јавен транспорт кој ќе биде од корист за сите наши граѓани, уште многу години, рече градоначалникот Костадинов.

Според директорот на ЈСП „Струмица – Транспорт“ Драги Поп – Стојанов, ќе има тест период од 30 дена во кој возењето ќе биде бесплатно, а по овој период цената ќе биде 30 денари во градската зона и до максимум 60 денари во приградските зони.
-Вкупно има 7 линии од кои 6 се редовни, а едната се користи само во недела и празници. Шестте линии ги опфаќаат сите населени места во општина Струмица и ова може да се менува, не значи дека е конечна верзија, може да се додава или крати, зависно од потребите на граѓаните, рече Поп-Стојанов.

Автобусите се адаптирани спрема улиците и конфигурацијата на градот и тие не се стандардни, туку малку пократки со должина од 8,5 метри и со капацитет за 55 луѓе.
11.09.2024 - 16:12

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега