Столтенберг пред пратениците зборуваше и за детството во Југославија: Тука првпат пробав полнети пиперки

 

Генералниот секретар на НАТО пред пратениците во македонското собрание говореше и за своето детство, раскажувајќи дека живеел три години на територијата на Западен Балкан кога неговиот татко работел во норвешката амбасада во Југославија.

„Тука го вкусив првиот сладолед ги јадев првите полнети пиперки. Навистина имам пријатни спомени од моето детство во поранешна Југославија“, се потсети Столтенберг и додаде дека од тогаш многупати се враќал во овој регион за да се сретне со пријатели.

Во 2018 година, генералниот секретар на НАТО допатува во Македонија на отворањето на Столтенберговата улица која што го носи името на неговиот татко, кој е почесен граѓанин на Скопје.

„Тоа беше признание за неговите напори, но и напорите на мојата мајка да им се помогне на оние кои настрадаа во земјотресот од 1963 година“, рече Столтенберг.

Неговите родители, како што потсети,  ја координирале помошта која пристигнувала од Норвешка и им помагале на оние кои останаа без дом во земјотресот. Потоа помогнале и во трансформација на болницата за туберкулоза во Козле во Институт за респираторни болести на деца.  Оваа болница, рече тој, и денеска се грижи за децата и затоа овој дел од светот е важен за него.

Генералниот секретар на НАТО се обрати пред пратениците за првпат откако земјата пред три години стана полноправна членка на Алијансата. По тој повод, тој најмногу се осврна на 30-годишниот пат на земјата до членството, опишувајќи го како патешествое долго и полно со предизвици, кое се заврши со политичка храброст и визија и постигнувањето на историскиот договор со Грција.

Рече дека од членството во 2020 година, до денес, во Северна Македонија има повеќе странски инвестиции и поголем број работни места.

„Мирот и стабилноста е предуслов за економски просперитет“, заклучи Столтенберг.

Во онос на аспирациите за членството во ЕУ тој кажа дека за Северна Македонија но и за многу други држави, НАТО е суштинската меѓа на патот Унијата.

„Како што сме виделе и претходно, многу често сојзуниците првин се зачлениле во НАТО, па во ЕУ. Сите политички партии имаат одговорност да работат заедно и да ја движат државата напред. Од тука ве охрабрувам постојано да работите на тоа, како што работевте и на НАТО. Да го комплетирате вашето членство во ЕУ“, рече Столтенберг.

Во говорот пред пратениците тој кажа и дека членството во НАТО е добро за Северна Макеоднија, но добро е и за НАТО.

„Вашите вооружани сили активно придонесуваат во меѓународниот мир и безбедност. Северна Македонија веднаш ја осуди агресијата на Русија против Украина и се приклучи кон е европските санкции. Северна Македонија е важен и доверлив член“, рече Столтенберг.

21.11.2023 - 20:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега