Стјуарт Пич: Време е сите политички чинители да помогнат во пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ
Специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, лорд Стјуарт Пич во интервју за МИА порача дека сите македонски политичари треба добро да размислат што е во најдобар интерес за државата и за граѓаните, кои живеат во неа и нагласи дека е време сите политички чинители да помогнат во пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија.
Одговарајќи на прашање за уставните измени и фактичката состојба дека реално во моментов не е обезбедено потребното двотретинското мнозинство, со оглед на тоа што опозицијата е децидна дека нема да поддржи промена на Уставот и опстојува на ставот за предвремени избори, Пич изјави дека би било нечесно кон луѓето од оваа земја да се одложи европскиот пат на кој различни влади напорно работеле во текот на многу години.
- На ова не треба да се гледа само како победа на Владата што е на власт сега, тоа е победа на сите претходни влади и пред се за македонските граѓани. Свесни сме дека патот не беше лесен и дека имаше многу препреки во текот на годините и затоа ги охрабрувам сите политичари да не дозволат политиката да влијае врз една од најважните стратешки цели уште од осамостојувањето на Северна Македонија. Потребен е заеднички напор за Северна Македонија да стигне до повеќе од заслуженото членство во ЕУ, нагласи Пич.
Тој изрази загриженост поради неодамнешните тензии во билатералните односи меѓу Северна Македонија и Бугарија, но додаде и дека е уверен оти постои значителен степен на добра волја кај сите страни и верува дека ќе се најде решение.
- Северна Македонија и Бугарија се земји членки на НАТО, сојузници и со исти гледишта. Во однос на моменталните односи, двете земји треба да го земат предвид поширокиот контекст и геостратешките поместувања во регионот. Обединетото Кралство продолжува да ги охрабрува и Северна Македонија и Бугарија да продолжат да работат на подобрување на билатералните односи што ја поддржуваат Северна Македонија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ, вели Пич.
Во однос на бугарските клубови во земјава, кои имаат називи поврзани со фашистичкото минато, Пич нагласува дека е потребна сензитивност околу моќта на симболите, јазикот и историјата, особено во контекст на Западниот Балкан.
- Знаеме дека ова е регион каде историските личности различно се паметат од различни заедници и затоа е многу важно изразувањето на идентитети да не дава дополнителни основи за поделби. Слободата на здружување и изразување се важни, но исто така е важно, би рекол императив, да се избегнуваат навреди, вели Пич.
Во интервјуто со специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан зборувавме и за безбедносната состојба по руската воена агресија во Украина, за можностите за прелевање на кризата во регионот на Западен Балкан, за обидите на трети страни за дестабилизација на регионот, за хибридните закани.
Во продолжение следува целото интервју со специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, лорд Стјуарт Пич, заедно со видео материјал.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа