Средба Џафери-Дуџак: РСМ бележи напредок во родовите прашања и правата на лицата со хендикеп
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со Постојаниот координатор на Обединетите нации во Северна Македонија Росана Дуџак.
На средбата се разговараше за Универзалниот периодичен преглед, со кој состојбата со човековите права во Република Северна Македонија ќе се разгледува од Советот на човекови права на Обединетите нации, како и одбележувањето на 75 годишнината од Универзалната декларација за човекови права, информираат од Кабинетот на Џафери.
Постојаниот координатор на Обединетите нации во Северна Македонија, Росана Дуџак информирала дека Советот за човекови права на ОН во април 2024 година во Женева ќе го разгледува Универзалниот периодичен преглед за Република Северна Македонија, на што ќе претходи процесот на подготовка на четвртиот национален извештај на земјава. Со цел за поголема инклузивност, транспарентност и сеопфатност на подготовката на националниот извештај и паралелниот „во сенка“ од граѓанскиот сектор, ќе биде спроведен интерактивен дијалог со вклучување на што е можно повеќе активни чинители од областа на човековите права. Нагласи дека во јуни 2023 година е предвидена посета на претставник на Обединетите нации задолжен за Универзалниот периодичен преглед на земјава, што претставува одлична можност да се организира јавна дебата за улогата на Собранието во почитувањето и заштитата на човековите права, на која би учествувале членовите на комисиите за човекови права и родова еднаквост.
Претседателот Талат Џафери истакна дека Собранието на Република Северна Македонија и според својата поставеност, и според надлежностите треба да биде вклучено во сите активности во врска Универзалниот периодичен преглед за состојбата со човековите права во земјава. Тој истакна дека ќе настојува Собранието соодветното да биде вклучено во работното тело за подготовка на националниот извештај, како и во презентацијата на Универзалниот периодичен преглед.
Нагласувајќи го значењето на Универзалната декларација за човекови права, Џафери информираше дека Собранието ја одбележа 70 годишнината од Декларацијата со јавна расправа на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, одржана во декември 2017 година. Изрази подготвеност и оваа година на соодветен начин да се одбележи 75 годишнината од Декларацијата, со организирање на настан во Собранието на Република Северна Македонија, во соработка со Канцеларијата на Постојаниот координатор на Обединетите нации.
Соговорниците истакнаа дека Република Северна Македонија има постигнато многу во унапредувањето на човековите права, особено во областа на родовите прашања и правата на лицата со хендикеп и се согласија дека Собранието, со своето вклучување во претстојните активности, во голема мера може да придонесе за подигнување на имиџот на земјата и апострофирање на постигнатиот напредок во областа на човековите права.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа