Србите го срушија рекордот: Регистрирана најголемата дневна потрошувачка на струја

Јулскиот тропски бран ја зголеми потрошувачката и цената на електричната енергија, па така во понеделникот на 15 јули во Србија се потрошени 103 гигават часови струја, што е најголема дневна потрошувачка на струја, со што е соборен рекордот во дневна потрошувачка на електрична енергија, јави дописникот на МИА од Белград.

-Потрошувачката на дневна основа беше 103 гигават часови. Во однос на претходната година имавме 10 отсто поголема потрошувачка, изјави главниот диспечер во Националниот диспечерски центар на Електромрежа на Србија (ЕМС) Драган Ракиќ.

Тој кажа дека ЕМС е подготвен за вонредни ситуации и дека разликата помеѓу летната и зимската потрошувачка во периодите на најстудените денови е нешто помала од 20 отсто и дека значително е намалена разликата во потрошувачката во текот на зимата и летото.

Во Хрватска на 12 јули е забележан историски рекорд во потрошувачка на струја, а пред еден месец се распадна електроенергетскиот систем во целиот регион.

-Трендот е сличен во сите соседни земји во споредба со периодот пред тропските горештини“, изјави Ракиќ за РТС и додаде дека потрошувачката насекаде е зголемена за 10 до 12 отсто.

Според него, сите единици во ЕМС редовно го одржуваат функционирањето на системот во текот на целата година и е подготвен за сите вонредни ситуации. Во вакви режими на работа се преземаат дополнителни мерки, па во соработка со Републичкиот хидрометеоролошки завод се подготвуваат за временските услови и се преземаат дополнителни чекори, како што е зголеменото дежурство.

-Подготвени сме да реагираме и да ги решиме потенцијалните проблеми во најкус можен рок, нагласи тој.

Зборувајќи за состојбите во регионот и побарувачката на струја, главниот диспечер во Националниот диспечерски центар на ЕМС рече дека во последните 15 дена немало значителни барања за струја, што укажува дека немало ниту поголеми проблеми.

16.07.2024 - 17:27

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега