Советот за безбедност на ОН денеска ќе одржи итен состанок за Газа

 

Советот за безбедност на ОН доцна попладнево во Њујорк треба да одржи затворена вонредна седница посветена на Газа, што ќе биде деветти состанок годинава посветен на израелско-палестинскиот конфликт, пренесува „Џерусалем пост“.

Состанокот беше свикан откако Израел во ракетен напад пред зори во вторникот на Газа уби тројца команданти на Палестински Исламски џихад (ПИЈ) заедно со најмалку 10 палестински цивили, меѓу кои четири жени и четири деца.

Иницијатори за состанокот се ОАЕ, Кина и Франција кои го оправдуваат барањето со загрижувачкиот развој на настаните во Појасот Газа.

Советот за безбедност на ОН се состанува месечно за израелско-палестинскиот конфликт и одржа четири такви собири годинава, но имаше и дополнителни четири состаноци за справување со кризите предизвикани од зголеменото насилство и од новата влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Во писмото до СБ, амбасадорот на Палестинската самоуправа, Ријад Мансур, ја осуди, како што истакна, „оваа убиствена агресија против палестинскиот народ“ и повика на итна акција за кривично да одговараат сторителите – и владините и воените претставници на Израел – кои планираат и спроведување на оваа бескрајна серија систематски прекршувања на човековите права“.

„Ја осудуваме оваа убиствена агресија врз палестинскиот народ и повикуваме на итна акција за да бидат одговорни злосторниците, и владините и воените претставници на Израел, окупаторската сила, кои, според Мансур, „ја планираат и спроведуваат оваа бескрајна серија системски прекршувања на човековите права.“

Мансур истакна дека меѓународната заедница, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, и Советот за безбедност имаат должност да дејствуваат за да се стави крај на, како што вели тој, „валканиците на кои Израел се навикна.“

Амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан, во писмо до СБ објасни дека хируршки прецизниот напад „Штит и стрела“, како што го опиша тој, бил одговор на баражот од повеќе од 100 ракети што Палестинците од Газа ги лансирале врз јужен Израел минатата недела.

„Израел дејствуваше на прецизен и ограничен начин против високи воени функционери во ПИЈ кои беа директно одговорни за организација и овозможување на напади и лансирање ракети и проектили против Израелците, за да ги заштити граѓаните на Израел и да ги спречи планираните напади“, напиша Ердан.

Ердан објасно дека, во исто време, мета на нападите биле и локациите што ПИЈ ги користел за производство на оружје и воени кампови на терористичката група во Појасот Газа.

„ПИЈ ги користи граѓаните на Појасот Газа како жив штит. Тие ги кријат своите ракети меѓу цивилното население, користат приватни куќи како оператицни центри и пукаат од густо населените урбани области“, напиша Ердан.

Палестински исламски џихад е организација означена како терористичка од Австралија, Канада, ЕУ, Јапонија, Нов Зеланд, Велика Британија, САД и од Израел.

10.05.2023 - 10:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа