Состојбата на патиштата редовна, но внимателно возете поради работи на пат
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, информираат од АМСМ. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Работи на пат се одвиваат на автопатот А1, делница Петровец – Катланово и има изменет режим на движење на возилата. Сообраќајот се одвива непречено, но се препорачува внимателно пристапување, велат од АМСМ.
Поради изведување на градежни работи и на државен пат А2, делница Миладиновци – Хиподром, сообраќајот на автопатот ќе се одвива според времен режим. Истото се однесува и за експресниот пат од Градско до Дреново, на државен пат А1, делница Велес – Неготино, ќе се применува времена измена на режим на сообраќај. Времениот режим ќе се применува во двата правци на автопат Е-75. Сообраќајот ќе се одвива непречено, со брзина од 80km/h во зона на градилиштето. Режимот ќе се применува се до целосна изградба на новата клучка Градско.
На патниот правец А2 Кичево – Охрид, поради градежни работи на повеќе делници, сообраќајот се одвива со девијации. Поставена е соодветна сообраќајна сигнализација и затоа препорачуваме строго почитување на истата и прилагодена брзина на движење.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа