Сојузот на средношколци ги повикува пратениците да покажат јасна и вистинска поддршка за учениците

 

На 13 март, Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија (ССРСМ) достави предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за средното образование до Собранието во поглед на потребата од праведен и бесплатен јавен превоз за сите средношколци. На тогашниот прес брифинг беше кажано дека ако предлог-законот за превоз не се донесе во рок од најмногу 2 месеци, односно до 13 мај, Сојузот на средношколци ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за Судот да ја оцени уставноста на сегашните одредби.

„Денес изминува точно еден месец од доставувањето на предлогот и токму затоа ги повикуваме сите пратеници во Собранието јасно да покажат дека навистина ги поддржуваат средношколците, со што овој предлог ќе го внесат во собраниска процедура и ќе гласаат афирмативно за истиот.

Средношколците законот го доставија до претседателот на Собранието, координаторите на сите пратенички групи (ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата; Коалицијата „МОЖЕМЕ“; ДУИ; Алијанса за Албанците), Клубот на млади пратеници и Комисијата за образование, наука и спорт. На 17 март Сојузот на средношколци доби известување од претседателот на Собранието дека текстот е доставен до сите пратеници.

Бидејќи станува збор за кратки и несложени измени, Сојузот смета дека пратениците имале доволно време да го разгледаат предлог законскиот текст и да изградат сопствен став по истиот. Потсетуваме дека сегашниот текст е производ на повеќе средби и разговори, така што, дел од пратениците веќе имаат и претходно познавање на проблематиката. Оттука, предлогот е компромисен и консензуален. Очекувајќи предложените законски измени да добијат поддршка од сите пратеници и да бидат донесени по скратена постапка, Сојузот ги повикува координаторите на пратеничките групи и матичните тела да нè контактираат што поскоро.

Во целокупното постоење на македонската парламентарна демократија сведочиме дека Собранието, доколку постои политичка волја, може мошне брзо и ефикасно да донесе нови закони или законски измени. Верувајќи дека интересот на средношколците е интерес на државата, ги повикуваме пратеници да ги донесат предложените измени од страна на Сојузот, велат од Сојузот на средношколци.

13.04.2023 - 14:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега