Сиљановска Давкова го прими претставникот на Европската банка за обнова и развој, Фатих Туркменоглу

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими претставникот на Европската банка за обнова и развој, Фатих Туркменоглу.

На средбата се разговараше за досегашната соработка со Европската банка за обнова и развој, при што претседателката Сиљановска Давкова изрази благодарност до ЕБОР за поддршката и партнерството во изминатите три децении, како еден од клучните и најголеми инвеститори во земјава и регионот.

Претседателката истакна дека ЕБОР со своите активности за поддршка во исклучително важни области преку значајни проекти како што се транспортната инфраструктура, општинската инфраструктура за животна средина, енергетиката и гасификацијата, ќе придонесе за зајакнување на регионалната интеграција, за придвижување на македонскиот евроинтегративен процес, како и за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.

Изразувајќи задоволство од соработката со Европската банка за обнова и развој особено во областа на инфраструктурата како значаен сегмент за севкупниот економски и социјален развој, но и можностите што ги нуди за инвестирање во обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност, претседателката Сиљановска Давкова посочи дека во рамки на своите ингеренции во економските политики ќе биде посветена на промовирање на македонските интереси преку економска дипломатија и партнерства со меѓународни институции како што е досегашното со ЕБОР.

02.07.2024 - 12:18

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега