Шведска: Ја испраќаме војската на границата со Русија

 

Шведска, која моментно чека да му се приклучи на НАТО, се обврза да испрати копнени борбени единици за да учествуваат во операциите на алијансата по должината на руската граница.

Премиерот Улф Кристерсон рече дека Стокхолм нема да чека за ратификација на кандидатурите за членство од Унгарија и Турција и дека ќе испрати шведски војници во Летонија на источната граница на НАТО.

„Шведска и нејзините соседи живеат во директна сенка на руската агресивна војна против Украина“, рече Кристерсон.

„Но, руските закани, дезинформации и сајбер-напади се обид да се дестабилизира цела Европа. Минатата година објавив дека Шведска е подготвена да обезбеди копнени борбени единици за одбрана на балтичките земји. Денес можам да известам дека владата има намера да придонесе за борбените сили предводени од Канада во Летонија“, рече тој, пренесува „Њузвик“.

Сè уште не е јасно колку голем или колку добро вооружен ќе биде шведскиот контингент. Шведскиот дневен весник Dagens Nyheter цитира неименувани воени извори дека силите ќе се состојат од речиси 800 војници, поддржани од оклопни возила. Шефот на шведската армија, Џони Линдфорс, претходно изјави дека силите би можеле да бидат распоредени веќе во 2025 година.

Летонскиот министер за одбрана, Андрис Спрудс, ја поздрави најавата на Стокхолм. „Задоволни сме од оваа важна одлука, која заедно со претстојниот прием на Шведска во НАТО ќе стане значајна инвестиција во зајакнувањето на регионалната безбедност и одбраната на Летонија“, напиша тој на X, порано познат како „Твитер“.

Групата предводена од Канада моментно вклучува контингенти од Албанија, Канада, Чешка, Исланд, Италија, Црна Гора, Полска, Словачка, Словенија и од Шпанија.

Шведска сè уште чека да стане 32. членка на НАТО бидејќи нејзиниот пристап е закочен поради билатералните тензии со Турција. Парламентот на Унгарија исто така ја одложува ратификацијата на кандидатурата на Стокхолм, иако се очекува премиерот Виктор Орбан да попушти откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се откажа од противењето.

Шведска и Финска го почнаа процесот за влез во НАТО по руската инвазија на Украина. За Шведска, ова значеше крај на 200-годишната неутралност иако Стокхолм долго време тесно соработуваше со НАТО, е членка на Европската Унија и беше вклучен во неколку странски воени операции, вклучително и војната во Авганистан, мировните операции предводени од НАТО по војната во Босна и интервенцијата на алијансата во либиската граѓанска војна.

09.01.2024 - 15:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега