Шукова: Загубата на вода за пиење не можеме да ја прифатиме како факт, континуирано работиме на ова прашање

 

Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова денеска на настанот со кој стартуваше Програмата за управување, користење и заштита на подземните води, одговарајќи на новинарско прашање околу загубата на 65 проценти вода за пиење од системите до домаќинствата, рече дека тој проблем не смее да се прифати како факт и осврнувајќи се на заемот од 50 милиони евра за помош на општините за водоводната инфраструктура, рече дека континуирано работат на решавање на проблемот.

- Со години наназад знаеме дека загубите на вода се големи, за жал голем дел од општините имаат стари системи за водоснабдување. Во таа насока е и вториот заем којшто државата го зема од Европската инвестициона банка во висина од 50 милиони евра, којшто треба да им помогне на општините во делот на водоснабдување, значи промена на системите или за градба на нови системи за водоснабдување, нивно усовршување и евентуално, од зависност од потребите на општините, и за системите за собирање на отпадни води, рече Шукова.

Министерката посочи дека покрај заемот на МЖСПП, Министерството за транспорт и врски и Министерството за локална самоуправа континуирано со години имаат програми коишто ги поддржуваат тие системи, односно ги финансираа.

- Меѓутоа, станува збор за голем број на општини, треба време. Загубите на води се нешто што не смееме да го прифатиме како факт, туку треба да работиме да ги намалиме загубите на води, така што континуирано работиме на ова прашање, потенцираше Шукова.

Таа одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа кога ќе почне изградбата на пречистителната станица во Скопје, рече дека смети оти проектот конечно се движи во добар правец.

- Одредени договори коишто требаше да бидат потпишани од „Водовод и канализација“ и од Град Скопје, се потпишани и мислам дека скоро можеме да очекуваме започнување на овој проект. Во текот на наредните денови ќе се потпише и еден од договорите со кој обезбедуваме грант средства за овој проект. Ние се обративме до фондовите на ЕУ за да обезбедиме и грант пари за овој проект којшто ќе го олесни заемот којшто го имаме од двете банки. При крајот на овој месец ќе се потпише и тој грант договор, така што мислам дека во наредните неколку месеци ќе започне, заклучи Шукова.

09.03.2023 - 11:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега