Штип во февруари ќе распише тендер за набавка на автобуси за градски превоз

 

Општина Штип во февруари ќе го распише тендерот за набавка на автобуси за реализација на проектот Градски превоз, информира за МИА градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов. Станува збор за набавка на шест нископрофилни автобуси, кои се модерни и еуро шест стандард. Градскиот превоз ќе го реализира ЈП „Стипион“, за што во моментов тече постапката за додавање на новата дејност на ова претпријатие.

-Автобусите ќе возат на шест релации и ќе бидат опфатени сите населби во Општина Штип, во осум термини од денот, што значи граѓаните ќе имаат можност во осум термини во текот на денот да ги користат автобусите на Градскиот превоз, вели Јорданов.

Посочува дека ова ќе биде новитет, а е на барање на граѓаните на Општина Штип. Во буџетот за 2023 година се предвидени средства за набавка на шестте автобуси, со кои ќе се реализира Градскиот превоз.

-Кога ќе заврши тендерската постапка ќе ја знаеме точната цена која е постигната. Инаку набавката на овие автобуси ќе биде на одложено плаќање, односно на лизинг. Така да секоја година Општина Штип ќе има предвиден финансиски износ за исплата на овие автобус, вели Јорданов.

Забележа дека во време кога граѓаните имаат високи цени на такси услугите ќе го користат јавниот автобуски превоз, кој според првичните калкулации би изнесувал од 20 до 30 денари, во зависност од релацијата.

Претходно Општина Штип се обиде по пат на јавно-приватно партнерство да се реализира автобускиот превоз, но тендерските постапки пропаднаа, бидејќи ниту една компанија не се јави на  повикот.

11.01.2023 - 14:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега