Шарл Мишел: Украина може да се приклучи на ЕУ во 2030 година ако двете страни си ја завршат домашната задача

 

 

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, изјави дека Украина може да ѝ се приклучи на Европската Унија во 2030 година доколку двете страни си ја завршат домашната задача.

„Украина и другите земји кандидати мора да спроведат реформи, да се борат против корупцијата и да ги исполнат законските барања. Нам во ЕУ треба да ни биде јасно што сакаме да постигнеме заедно, кои се нашите приоритети и на што сакаме да ги трошиме парите. И ние мора да ги забрзаме нашите процеси на одлучување“, изјави Мишел во интервју за германски „Шпигел“.

Тој предупреди дека земјите од Западен Балкан 20 години чекаат да влезат во ЕУ поради што таму расте влијанието на Русија и Кина. Просперитетна и безбедна Украина е во интерес на Европа, додаде тој.

„Нивниот неодамнешен отпор кон Русија покажа дека Украина ѝ припаѓа на ЕУ. Ова би докажувало дека ЕУ е способна за геополитичко дејствување“, рече Мишел.

На забелешката на еден новинар на германски неделник дека САД досега обезбедиле повеќе воена помош за Украина отколку сите земји на ЕУ заедно, Мишел рече дека „ова не е натпревар“. Тој додаде дека геополитичкото влијание не се мери секогаш само со воена моќ.

„Во Обединетите нации ја позиционираме ЕУ како пионер во одбраната на мултилатералниот светски поредок заснован на правила. Ако ние не ја преземеме оваа улога, другите ќе изградат нов поредок – без нашите вредности и правила. Ако тоа се случи, би можеле да изгубиме сè“, изјави Мишел.

Тој рече и дека има итна потреба да се преговара за миграцијата со земји надвор од ЕУ и дека оваа тема ќе биде на дневен ред на неформалниот самит во Гранада.

04.10.2023 - 11:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега