Шаќири: Го јакнеме мировното образование, децата од најрана возраст треба да се учат на неконфликтно однесување
Мировното образование е составен дел на воспитно-образовниот систем, а веќе 13 години Министерството за образование и наука соработува со Детската амбасада Меѓаши во реализацијата на Програмата „Peace Education“. Во обуките за ненасилна комуникација, тимска работа и превенирање на насилство и конфликти досега се вклучени 200 наставници од 14 училишта во државата од осум градови.
Како што соопштија од Министерството за образование и наука, ова се дел од темите на кои разговараа на денешната средба министерот за образование Јетон Шаќири и претседателот и основач на Меѓаши Драги Змијанац.
Министерот Шаќири нагласил дека мировната компонента на образованието треба дополнително да се зајакне, како одговор на актуелните случувања во регионот и заложбите за училиштата како сигурни места за одвивање на воспитно-образовниот процес.
- За таа цел, во завршна фаза е изработката на модулите за мировно образование, што ќе се реализираат од учебната 2023/2024 година. Исто така, Министерството работи на проширување на програмите за обуки на наставниците, во делот на професионалните компетенции за мировно образование, се наведува во соопштението.
Шаќири и Змијанац се согласиле дека е исклучително важно децата од најрана возраст да стекнуваат вредности, знаења, ставови, вештини и однесувања кои ќе им помогнат да спречат појава на конфликти и, доколку се случат, да ги решаваат на мирен начин.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа