Се засилуваат заложбите повторно да се отвори Лекторат по македонски јазик во Тирана
Иницијативата повторно да се отвори Лекторат по македонски јазик на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, по заложбите на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), веќе се забрзува, со сигурни чекори. Интерес, подготвеност и подадена рака за вложување во перспективите на македонистиката во Албанија, сега има и од тиранскиот Факултет за странски јазици, со желба токму Лекторатот по македонски јазик да е централна точка на натамошната соработка и на развивањето на врските меѓу двете академски заедници – македонската и албанската. Заложбите постануваат взаемни и се засилуваат, што е клучно за иницијативата да се оствари до крај.
На 19 мај оваа година, во Тирана се одржа работен состанок на директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, деканката на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, проф. д-р Есмералда Кромида, продеканката за меѓународна соработка, проф. д-р Дрита Рира и македонскиот амбасадор во Албанија, Н.Е. Данчо Марковски. Состанокот во целост беше посветен на перспективите на македонистиката, а следеше откако МСМЈЛК при УКИМ веќе ги има остварено и сите чекори пред македонските институции за да се создадат услови за избор на лектор кој ќе ја изведува наставата по македонски јазик во Тирана, односно за обезбедување финансиски средства за функционирање на Лекторатот.
– Македонскиот јазик, литература и култура да се изучуваат на повеќето универзитетски центри во културните и академски средини каде што има интерес за македонитиката – ова е наша цел и определба за чиешто остварување секојдневно работиме. Затоа, имајќи го предвид забележливиот интерес за македонистиката и во Албанија, каде македонската заедница е втора по бројност меѓу малцинствата и каде преку друштвото „Илинден“ беше истакната потребата од факултетска настава по македонистика, изминатиов период толку силно се залагаме иницијативата за повторно отворање на Лекторатот да се оствари, со цел да се овозможи студентите кои студираат јазици на Универзитет во Тирана да можат да го изучуваат и македонскиот јазик. Но, мора да се има предвид дека за да се оствари секоја ваква иницијатива, неопходно е да има интерес и желба и подготвеност за соработка и од Универзитетот, односно Факултетот на кој треба да функционира лекторатот. Оттука, клучно е што по заложбите изминатиот период, оваа иницијатива ја прифаќаат и колегите од тиранскиот Факултет за странски јазици, затоа што без тоа, објективно, целосното остварување на иницијативата би било невозможно или многу потешко остварливо. Се надевам дека со овој работен состанок, заеднички започнавме едно важно и убаво поглавје на развојот на македонистиката и во Албанија, кое посакуваме да биде пример и за другите иницијативи за присуство на македонистиката на странски универзитети за кои се залагаме, нагласи директорката на МСМЈЛК при УКИМ, Весна Мојсова-Чепишевска, по работниот состанок.
Според неа, уште поважно е што на состанокот, во дискусиите се согледа дека прифаќањето на оваа иницијатива е со взаемна подготвеност не само за повторно отпочнување настава по македонски јазик, туку и за заеднички натамошни заложби за афирмација на македонистиката во Тирана и за постојано развивање на соработката, што како што напоменува, може да резултира со брз развој на Лекторатот.
На состанокот е констатирано дека е потребно да се овозможи македонскиот јазик, во Тирана да го изучуваат сите тамошни студенти кои одлучиле или ќе одлучат да се посветат на изучувањето на словенските или балканските јазици и на почетокот, наставата да се одвива во два, па потоа и во четири семестри. Ама и да не се запре тука, туку понатаму да се продолжи и со предметни програми за македонска литература и култура и со заеднички вложувања постепено да се создаваат услови на Факултетот да има и посебен студиум по македонистика.
– Откако веќе цврсто си подадовме рака за соработка со колегите од Тирана, со решеност и таму да се развива македонистиката и откако активностите веќе имаат поддршка и од нашата амбасада со цел Лекторатот да биде средиште на афирмацијата на македонистиката во тамошната академска средина, веќе се остварени клучните предуслови за повторно отворање Лекторат по македонски јазик во Тирана. По добивањето одговор на барањето упатено од УКИМ до надлежните македонски институции, кој искрено верувам дека ќе биде позитивен за да може да се избере и испрати лектор, Лекторатот ќе може да почне да функционира, со настава по македонски јазик за сите заинтересирани студенти, истакнува Мојсова-Чепишевска.
Таа напоменува дека одделно важно е што зад иницијативата за повторно отворање на Лекторатот по македонски јазик во Тирана, со поддршка и дипломатски заложби застана и македонската амбасада, пред сè амбасадорот Данчо Марковски, кој се заложи и за работниот состанок, но и на самиот состанок на Факултетот за странски јазици. Имено Н.Е. Марковски беше македонски амбасадор и во 2008 година кога на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Риека се отвори и Лекторатот по македонски јазик за кој оваа година на 10 и 11 мај се одбележа мала по години, но голема по значење – 15-годишнина од неговото работење. А, присуството и развивањето на македонистиката на странските универзитети, според Мојсова-Чепишевска, секогаш треба да е државен приоритет.
По одржаниот состанок, на Факултетот за странски јазици во Тирана му беа подарени повеќе изданија на МСМЈЛК при УКИМ – учебници и зборници со предавања и научни трудови за македонскиот јазик, литература и култура, со кои веќе ќе почне да се оформува македонистички дел во фондот на факултетската библиотека, достапен за сите студенти и професори на Факултетот.
Инаку, иницијативата за повторно отворање на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици во Тирана, кој запрел со работа пред нешто повеќе од десеттина години, се покрена во декември минатата година, на состанок на МСМЈЛК при УКИМ и Македонското друштво „Илинден“ од Тирана. Како што беше напоменато и тогаш, по работната средба меѓу директорката на МСМЈЛК при УКИМ, Весна Мојсова-Чепишевска и претседателот на Друштвото, Никола Ѓурѓај, овој лекторат би придонел не само за присуството на македонистиката во албанската академска средина, туку и за содејство во развојот и на македонската и на албанската филологија, затоа што со добри познавачи на двата јазика во двете земји ќе може да се остварат и заеднички чекори во унапредувањето на балканистиката. Едновремено, како што беше напоменато од страна на сите присутни, и од албанската страна, претставени преку деканката и продеканката на Факултетот за странски јазици, проф. д-р Есмералда Кромида и проф. д-р Дрита Рира, и од македонската страна, од Н.Е. Данчо Марковски и проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, со работата на Лекторатот би се отвориле перспективи и за заеднички научноистражувачки проекти на двата универзита, но и за нови активности во областа на образованието и културата кои ќе овозможат нови синтези меѓу двата народа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа