Се работи на измени на законите и со добавувачи за лек за пациентите со цистична фиброза

 

Министерството за здравство и Фондот за здравство заедно со клиниките што се задолжени за пациентитите со цистична фиброза – Клиниката за пулмологија и Клиниката за детски болести веќе работат со потенцијални добавувачи. Работната група работи на промена на законите со цел да се обезбеди можност за купување директно на лековите од производител кој произведува патентиран лек и со тоа да може да биде достапен лекот по пониска цена од таа која што во моментот ја има, а еден лек е 330 илјади евра, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Тој, одговарајќи на новинарско прашање по настанот за традиционално закројување на лозје во село Ресава во Кавадарци, рече дека на состанокот со Асоцијацијата за цистична фиброза било договорено да се направи и протокол и процедури во однос на лекувањето на сите пациенти кои ја имаат оваа болест.

- Сметам дека во наредниот период сите работи ќе бидат завршени и дека ќе може и овие пациенти кои навистина им е потребна помош, како и на секој друг пациент да биде овој проблем решен, рече Ковачевски.

Прашан дали ќе побара одговорност од Фондот за здравство за болните од цистична фиброза, Ковачевски нагласи дека секој човек е одговорен да работи во рамки на тоа што се негови одговорности.

-Јас кажав дека вакви работи во државата се случуваат заради тоа што ние имаме една невозможна бирократија и тоа во изминатите 31 година каде што најголем дел од институциите и поединци кажуваат како нешто не може да се направи наместо да биде целта како нешто може да се направи. И заради тоа ги имавме тие состаноци кои беа организирани се со цел што побрзо да се реши овој проблем. Парите, како што кажав, веќе се наменски определени, тие се доделени на Фондот за здравство кои потоа од Фондот за здравство се префрлаат во клиниките што потоа го купуваат лекот и каде што се лекуваат пациентите, рече Ковачевски. 

14.02.2023 - 11:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега