СДСМ: Јаневска работи на директна штета на учениците и наставниците

 

Предложената Концепција за гимназиско образование на министерката Јаневска е на директна штета на учениците, наставниот кадар и иднината на образовниот систем. Ова денеска преку соопштение го велат од СДСМ.

Во прилог соопштението во целост:

Јавноста, учениците, професорите и стручната фела со право реагира и недвосмислено нагласуваат дека предложената Концепција за гимназиско образование е несоодветена и неприфатлива. 

Иако се најавува како реформа во суштина е катастрофално лоша и ја загрозува суштината на еден воспитно-образовен процес. 

Концепцијата ги маргинализира основните општествено-хуманистички дисциплини како Филозофија, Социологија, Логика и Етика, кои се клучни за развојот на критичката мисла и интелектуалните способности на учениците.

Наместо модернизација и унапредување на образованието, предложените реформи ја загрозуваат неговата суштина. Укинувањето или маргинализацијата на овие предмети значи дека ќе продуцираме генерации на ученици кои нема да знаат како да размислуваат критички и рационално.

Дополнително, неприфатливо е да се сведува етиката на „пример од личното однесување на наставниците“. Ова укажува на крајно несериозен пристап кон научната мисла на етиката, логиката и другите дисциплини кои ги едуцираат младите да бидат одговорни и слободоумни личности.

Ја повикуваме министерката Јаневска, веднаш да ја повлече предложената Концепција и итно да отворат јавна дебата.

Да ги вклучат мислењата и анализите на стручната фела, професорите, учениците и експертите.

Реформите да се темелат на детални и транспарентни анализи, а не на онлајн анкети.

Образованието мора да ги подготвува младите за справување со комплексноста на современиот свет, да ги поттикнува да размислуваат критички и да бидат морално храбри личности. Само преку квалитетно образование ќе создадеме генерации кои ќе бидат столб на едно понапредно и праведно општество.

 

29.01.2025 - 11:29

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега