СДСМ: Арбитражите се наследство од ВМРО-ДПМНЕ, а не наш проблем


Владата на СДСМ на самиот почеток во 2017-та година веднаш презеде конкретни мерки за заштита на државните интереси и јавните добра, почнувајќи ги сите потребни правни постапки за да се минимизираат потенцијалните штети од правните спорови што ги остави ВМРО-ДПМНЕ. Во 2017-та година беше формирано координативното тело за следење на арбитражните постапки, со кое се обезбеди координиран пристап за заштита на државните интереси пред меѓународните судови, велат од СДСМ.

"Дамокловиот меч“ од 1,3 милијарди евра што го кажуваат од ВМРО ДПМНЕ е наследство од 11-те години нивни режим – резултат на несовесното раководење, договорите во четири очи и негрижата за јавното добро, што државата ја изложи на правни и финансиски ризици во периодот од 2017 до 2024 година. Наместо повеќе пари на граѓаните да се инвестираа во поголем број на развојни проекти, како нови патишта, училишта или болници, дел од нив мораа да се насочуваат во одбрана на интересите на државата пред меѓународните судови – проблем кој ВМРО-ДПМНЕ го создаде, а денес лицемерно се обидува да го префрли на некој друг.

СДСМ покажа одговорност во одбраната на државата и економските интереси, додека ВМРО-ДПМНЕ понесени од своите деструктивни политики од минатото, сега повторно се обидуваат да ги префрлат последиците од своите грешки на Владата на СДСМ. Вистината е јасна: проблемите кои денес ја оптоваруваат Македонија се наследство од ВМРО-ДПМНЕ, а не резултат на владеењето на СДСМ“, стои во соопштението на СДСМ.

25.09.2024 - 16:40

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега