Санчез: Сопствениците на социјалните мрежи мора да одговараат за труење на општеството
Сопствениците на социјалните мрежи мора да одговараат за „труење на општеството“ и „еродирање на демократијата“, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез на Светскиот економски форум во Давос.
Тој додаде дека за време на состанокот на Европскиот совет ќе предложи да се стави крај на анонимноста на социјалните мрежи и нивните алгоритми да се направат потранспарентни.
– Сопственикот на мал ресторан ќе одговара доколку неговата храна ги отруе клиентите. Магнатите на социјалните мрежи треба да одговараат ако нивните алгоритми го трујат нашето општество. Да ја вратиме контролата. Да ги направиме социјалните мрежи повторно големи, рече Санчез, парафразирајќи го предизборниот слоган на Доналд Трамп „Да ја направиме Америка повторно голема“.
Шпанскиот премиер предупреди дека додека социјалните мрежи добиваат голема моќ поврзувајќи ги луѓето на големи растојанија, тие исто така доаѓаат со свои недостатоци, „скриени во утробата на алгоритмите како напаѓачи во стомакот на тројанскиот коњ“.
Шпанската вицепремиерка и министерка за труд Јоланда Дијаз вчера изјави дека ќе престане да ја користи социјалната мрежа Х на Илон Маск поради однесувањето на милијардерот за време на церемонијата за инаугурацијата на Доналд Трамп.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа