Самит Украина – ЕУ на 3 февруари во Киев
Украина и Европската унија ќе одржат Самит на 3 февруари во Киев, а не во Брисел и ќе разговараат за европската финансиска и воена поддршка, соопштија од Кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во синоќа објавеното соопштение, од Кабинетот на Зеленски се посочува дека за средбата претседателот на Украина разговарал со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во првиот телефонски разговор годинава.
Со одлуката на состанокот во Киев се става крај на шпекулациите за можно ново патување на претседателот Зеленски во странство, по неговата ненадејна посета на Вашингтон во декември.
Европскиот парламент минатиот месец најави нова помош за Украина вредна 18 милијарди евра, што вклучува и испораки на „соодветно” оружје.
Украинскиот претседател инсистираше првата рата од помошта да биде исплатена уште во првиот месец на новата календарска година.
Самитот на 3 февруари нема да значи присуство на шефовите на држави и влади на ЕУ, туку ќе учествуваат само Фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, како што веќе најави портпаролот на Мишел, пренесе германската агенција ДПА.
Европскиот парламент во декември го прифати законодавниот пакет со кој се овозможува финансирање на Украина, а вклучува и 15-процентно оданочување на екстра-профитот на мултинационалните компании.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа