Сали: Обвинителството да реагира по допрен глас за постизборна набавка на казино-апарати

Беким Сали на прес-конференција побара Јавното обвинителство да реагира по допрен глас за основано сомнение, како што рече, „за сторена политичка корупција во режија на кадрите на ДУИ во Лотарија“.

„Во согласност со оваа тековна состојба издадена од Централниот регистар на 4 август 2024 година, АД Државна лотарија на 31 март 2023 година преку делегирање 51 % во сопственичкиот капитал регистрирал втора видеолотарија со името НОВО ВЛТ, со основна главница од безмалку 10 милиони евра.

Како носител на дејноста и косопственик на НОВО ВЛТ се јавува компанијата Друштво за услуги „ХТЛ Македонија“ ДООЕЛ Скопје. За членови на Надзорниот одбор на НОВО ВЛТ беа назначени продолжената рака на Артан Груби и поранешниот директор на АД Државна лотарија, Перпарим Бајрами, и неговите сопартијци од ДУИ, Артин Спахију и Омер Буњаку.

Во согласност со оваа рамковна спогодба – договор за јавна набавка склучена меѓу НОВО ВЛТ и косопственикот и основачот ХТЛ, склучена на 13 јуни 2024 или 35 дена по парламентарните избори, се предвидува за период од две години да се набават 1.600 видеолотариски терминали во вкупна вредност од речиси 19 милиони евра.

Да бидеме прецизни, НОВО ВЛТ, во чиј Надзорен одбор се тројца кадри на Артан Груби во постизборен период кога се знаеше дека ДУИ оди во опозиција, од приватната фирма, односно вториот основач, набавува илјадници казино-апарати за период од наредни две години, во вкупна вредност од речиси 19 милиони евра“, изјави Беким Сали од коалицијата „Влен“.

Тој побара од Јавното обвинителство да истражат неколку работи.

„Кои се мотивите за оваа јавна набавка? Дали е точно дека во моментот на потпишувањето на рамковната спогодба – договор за јавна набавка, пазарната цена на еден видеолотариски терминал била 3.800 евра?

Дали е точно дека поединечната цена за еден видео лотариски терминал која е договорена во рамковната спогодба – договор за јавна набавка, изнесува 10 000 евра или за 6200 евра поскапа од неговата пазарна вредност?

Дали е точно дека вкупната вредност на набавката чини неверојатни 9.920.000 евра поскапо од пазарната вредност на видеолотариските терминали? Во чии џебови ќе заврши разликата од речиси 10 милиони евра, само од овој тендер?

Или дали вредноста на казино-апаратите е свесно и со умисла зголемена со цел да се штелува основната главница неопходна за отворање на новата државна видеолотарија“, праша Сали.

Тој додаде дека очекуваат Јавното обвинителство во најкус можен рок да отвори предмет и да преземе соодветни правосудни дејства за да ги расчисти сите околности за причините и сомневањата за политичка корупција што ги наведе денеска.

Истовремено, Сали рече дека ќе побараат од Управата за финансиско разузнавање да ги истражи евентуалните врски на поранешни функционери на ДУИ со сомнителни лица од соседна Србија поврзани со казино-бизнисите.

„Вреди“ е гаранција дека правдата ќе го стигне секој што згрешил пред законите, без разлика на неговата етничка, верска или политичка припадност. Вистината за гревовите на режимот на ДУИ допрва ќе се откриваат“, изјави Беким Сали

06.08.2024 - 13:33

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега