Рокас: Младите и нивниот талент за иновации се иднината на Европската Унија

 

Тековните, но и идните проекти кои ја имаат поддршката од ЕУ, а со кои значително може да се унапредат условите во локалната заедница беа во фокусот на посетата на Амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Михалис Рокас на Тетово. Тој се сретна со градоначалникот на Тетово, Билал Касами, како и со членовите на Советот на општината, како дел од серијата посети на општините во земјава на кои Шефот на делегацијата на ЕУ се среќава со локалните власти, претставници на граѓански инцијативи, претприемачи и други членови на локалната заедница и со кои дискутира за важните прашања што ја засегаат конкретната заедница.     

ЕУ-Амбасадорот се запозна со успешните стартап приказни од Полошкиот регион кои се резултат на поддршката од европската заедница, но и можностите за развој на локалните бизниси преку унапредување на дигитализацијата. Шефот на делегацијата на ЕУ присуствуваше на отворањето на хабот на акцелераторската програма 700 Акцелератор на Универзитетот на Југоисточна Европа, каде што ги слушна идеите и плановите на 11 стартапи од Полошкиот регион кои се дел од оваа програма.

Програмата е поддржана од ЕУ и од германската влада, а преку неа се обезбедуваат грантови, инвестиции и поддршка за иновативни стартапи. Таа досега лансира успешни бизниси во Тетово и околината, при што локалните претприемачи успеваат да ги трансформираат своите идеи во одржливи бизниси со забележителен раст. На отворањето на 700 Акцелератор хаб присуствуваа и ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети и директорот на ГИЗ за Северна Македонија и Косово, Давид Оберхубер.  

Во рамки на посетата на Тетово, амбасадорот Рокас и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, пред заинтересираните претприемачи, студенти и други гости, ги презентираа придобивките од програмата Дигитална Европа (Digital Europe Programme), финансирана од ЕУ, која се фокусира на воведување дигитални технологии во бизнисот, јавната администрација и меѓу граѓаните со цел унапредување на различните процеси во секојдневието.

- Иднината на Европа се младите и нивните таленти, а тие можат да бидат унапредени и зајакнати ако универзитетите имаат соодветна визија и капацитет. Нема сомнеж дека дигиталната трансформација, иновациите, стартапите и претприемачите, и во денешниот свет на целосна нестабилност, бараат можности за развој на бизнисот. Северна Македонија може и треба да биде дел од овој процес. Со проекти како EU4growth, којшто ги поддржува локалните стартапи, со програмата Digital Europe, но и преку Планот за раст, ЕУ креира можности со цел земјата да ги има алатките со кои ќе одговори на потребите и на предизвиците на европскиот пазар, којшто се менува со огромна брзина - истакна Рокас.

 

17.12.2024 - 13:20

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега