Реконструкцијата на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ ќе трае година и пол

 

Во студентскиот дом „Кузман Јосифовски -Питу“ во Скопје, првиот меѓу државните домови кои етапно ќе се реновираат, во моментов се прави демонтажа на инсталациите, прозорците и вратите. Според изведувачот на градежните зафати, процесот се одвива според планираната динамика и се очекува реконструкцијата да заврши за една и пол година.

Тоа го соопшти министерката за образование и наука Весна Јаневска која попладнево изврши увид во активностите на терен. За медиумите изјави дека се прави темелна реконструкција во овој дом која, како што рече, ќе опфати поставување енергетски ефикасна фасада, нови инсталации, санитарии и подови, нов покрив со фотоволтаици и ќе има соби за лицата со попреченост.

-Во исто време, чекаме одобрување од Град Скопје за да почнат теренските активности во студентскиот дом „Стив Наумов“ во Автокоманда, и во ист период правиме планови и се што е потребно во однос на документацијата за да бидеме подготвени да продолжиме со реконструкција и на останатите домови, изјави Јаневска по увидот во градежните работи на домот.

Поради започнатата реконструкција, оваа година студентите ќе имаат два дома помалку на располагање, но МОН, рече министерката, „ќе направи засилени напори“ да ги смести сите што исполнуваат услови и во останатите домови, посочувајќи дека на располагање за студентите се и ученичките домови.

-Токму затоа денеска сум овде, за да видам со која динамика ќе се заврши првиот од домовите кои се реконструираат. Изведувачите велат дека динамиката е според планот и очекуваме првиот дом да биде завршен најдоцна за година и пол, рече Јаневска.

На новинарско прашање за транспарентноста околу аплицирањето за сместување во домовите, Јаневска одговори дека и досега требало да биде така затоа што е електронски.

-Се разбира дека ќе биде транспарентен. Во Министерството се формираат комисии, студентите се пријавуваат, нашата база е поврзана со базата на УЈП, затоа што студентите треба да исполнуваат одредени услови, се ќе биде јавно објавено. Секој може да има увид, достапност до информација од јавен карактер, така што онака како што сме ветиле – сите процеси, вклучувајќи го и овој, ќе бидат транспарентни, одговори Јаневска.

Имала средба со студенти и претставници на неколку здруженија и, како што рече, ги поддржува во најголем дел од нивните барања. Во законските измени што ќе следуваат за нив, посочи Јаневска, студентите ќе бидат максимално вклучени.

-Од следната година ќе ги користиме сите можности кои ги даваат законите, но ќе гледаме и да удоволиме на нивните барања и потреби. Секако, следуваат законски измени и ќе се обидеме во тие законски измени максимално да ги вклучиме таму каде што тие сакаат и припаѓаат, рече министерката одговарајќи на новинарски прашања. 

09.08.2024 - 15:41

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега