Путин: Западот води хибридна војна против Русија

 

Русија го надградува својот нуклеарен арсенал и ги држи стратешките сили на највисока готовност додека Западот води хибридна војна против неа, изјави денеска рускиот претседател, Владимир Путин, на конференција на високи претставници на одбраната.

Путин рече и дека Москва ќе продолжи со својата „специјална воена операција“ во Украина и дека сите обиди да и’ се нанесе стратешки пораз на Русија се неуспешни.

Русија денеска го повикала финскиот амбасадор да се пожали на новиот одбранбен договор што Финска го склучила со САД, со кој ќе им се овозможи пристап до областите во близина на границата со Русија, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

На амбасадорот му било кажано дека Москва „нема да дозволи зајакнувањето на воениот потенцијал на НАТО на руската граница да остане без одговор, што ја загрозува безбедноста на Руската Федерација и дека ќе ги преземе неопходните мерки за да одговори на агресивните одлуки на Финска и нејзините сојузници во НАТО“, рече портпаролката Марија Захарова.

Финска се приклучи на НАТО оваа година, што го побара откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година. Договорот со САД дозволува брз пристап до американската војска и помош на Финска во случај на конфликт, рекоа официјални лица. Според договорот, американската војска ќе има неограничен пристап до 15 објекти и области во Финска каде што може да ја складира својата опрема и муниција, вклучувајќи четири воздушни бази и воено пристаниште.

САД имаат слични договори со многу земји во Источна Европа. Кремљ во петокот соопшти дека договорот ќе биде „јасна закана“ за Русија и ќе предизвика тензии во односите со Хелсинки. Данска, исто така, склучи одбранбен договор со САД, кој ќе дозволи американски војници и воена опрема да бидат стационирани на данска територија на десет години, изјави денеска данската премиерка Мете Фредериксен.

САД склучија сличен договор со Шведска овој месец, а Норвешка склучи договор со САД во 2001 година со кој се регулираат американските воени активности на нејзина територија.

„Ова значи дека американските војници и опрема можат постојано да бидат стационирани на данска почва“, рече Фредериксен на прес-конференција.

Договорот ќе биде потпишан оваа недела, а ќе стапи на сила за околу една година кога ќе се донесат потребните закони, рече таа.

19.12.2023 - 14:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега