Путин изрази сочувство до семејствата на загинатите во авионската несреќа, но директно не ја потврди смртта на Пригожин

 

24 часа по авионската несреќа во која се верува дека загина шефот на платеничката воена групација „Вагнер“, Евгениј Пригожин за првпат се огласи рускиот претседател Владимир Путин.

Во телевизиско обраќањето Путин изрази сочувства до семејствата на загинатите, но директно не потврди дали меѓу жртвите е и Пригожин.

Рускиот претседател, сепак, вели дека прелиминарните информации говорат за присуство на членови на платеничката група во авионот што се урна вчера северно од Москва, а во кој нема преживеани.

-Ако членови од групата Вагнер беа таму, а прелиминарните податоци покажуваат дека биле, би сакал да забележам дека овие луѓе дадоа значаен придонес во нашата заедничка кауза за борба против неонацистичкиот режим во Украина. Го паметиме и нема да го заборавиме тоа, рече Путин во обраќањето до јавноста.

Рускиот претседател потоа продолжи да говори за шефот на „Вагнер“. Го опиша како „талентиран бизнисмен“, но и како „човек со тешка судбина кој правел големи грешки во животот“.

-Го познавав Пригожин многу долго, од почетокот на 90-тите. Тој беше човек со тешка судбина и правеше сериозни грешки во животот, но беше талентиран човек, талентиран бизнисмен. Работеше во нашата земја, но и надвор, особено во Африка. Се занимаваше со нафта, гас, благородни метали и камења, продолжи Путин.

Иако за Пригожин зборуваше во минато време, Путин во своето видеообраќање не ја потврди смртта на шефот на платеничката група „Вагнер“. Додаде дека прелиминарната истрага за случајот е веќе започната.

-Истрагата ќе биде спроведена во целост и преземена докрај. Нема сомнежи за ова. Да видиме што ќе кажат истражителите во блиска иднина. Сега се вршат вештачења, технички и генетски испитувања, додаде шефот на Руската Федерација.

24.08.2023 - 22:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега