Прв термин за вадење документи е во декември, Спасовски тврди дека се издаваат во законските рокови, без разлика на метежот

 

Тешко се доаѓа до термини за вадење лични документи, а дека има метеж, потврдува и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Граѓаните сведочат дека првите слободни термини за поднесување на барањата и фотографирање се за декември, односно веќе за јануари. Спасовски посочува дека вака било и минатата година.

„Секако дека фреквенцијата е зголемена. Не само оваа година, туку и минатата имавме. До 2019 година најголемиот метеж бил во јуни, јули, август. Таа не поминувала повеќе од 22, 23 илјади. Минатата година за истиот период имавме околу 50.000 барања за промена на лични документи. Како што наближија годишните одмори, има и зголемена фреквенција. Во овие денови опаѓа. Има градови во кои и нема голем метеж. Се работи и во сабота“, вели Спасовски.

Според него, доколку се почитуваат термините и не се бара вадење документи од денес за утре – сите ќе имаат лични карти, пасоши и возачки дозволи навреме.

„Секако дека јавувањата и редот што се воспоставува, закажувањата термини е во првите слободни термини. Од град во град тие се такви какви што се. Најважно е што сите ние што сакаме да добиеме термини, да го почитуваме оној што ќе ни го доделат. Изместувањето на терминот значи проблем за целиот систем“, додаде Спасовски.

Тој додава дека динамиката е добра.

„Во наредните денови ќе имаме предлози за релаксирање на системот. Речиси еден милион граѓани ги смениле документите. Динамиката е добра“, додаде министерот.

Никој нема да биде казнет ако до февруари не извади документи со новото име на државата.

„Нема да има проблем во остварувањата на правата. Според динамиката што ја имаме, успешно ќе се завршат промените на документите. Нема да има казнување на граѓаните. Во континуитет, како што ќе се одвиваат состојбите, такви одлуки ќе носиме, во интерес на граѓаните“, рече Спасовски.

Тој е дециден дека во законскиот рок се постигнува да се издадат документите.

21.08.2023 - 11:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега