Пронајден сторителот што ја искрши пратеничката канцеларија на Лефков во Кочани


Полициски службеници од ОВР Кочани при СВР Штип, по преземени оперативни мерки и активности расчистија шест кривични дела, од кои пет кривични дела „тешка кражба“ во обид и една „тешка кражба“, извршени ноќта на 21/22.04.2024 во Кочани.

Кривичните дела „тешка кражба“ во обид биле извршени во барака на ул.„Раде Кратовче’’, сопственост на општина Кочани, во која имало три службени простории: една на „Црвен крст“, една на Центарот за социјални работи и една на пратеникот М.Л.(45) од Кочани, како и во правно лице за брзи кредити и еден продажен објект. Кривичното дело „тешка кражба“ е извршено во продажен објект, од каде сторителот одзел каса со пари. Поради постоење основи на сомнение дека е сторител на делата, на 22.04 2024 од слобода е лишен Е.Р.(37) од Кочани. Во службен разговор со осомничениот, тој ги признал сите кривични дела, а дополнително признал дека извршил и пет „тешки кражби“ и една „кражба“ , извршени на почетокот на април 2024 година, исто така во Кочани. По документирање на случаите, против него ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

На ден пред гласање, разбиена мојата пратеничка канцеларија во Кочани, рече претходно Миле Лефков кандидат за пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

„Одржав прес пред ОВР Кочани, веднаш по пресот на Бојмацалиев. Дали инсистирањето на техничката Влада и на Бојмацалиев да нема никакви кадрови поместувања во Кочани беше токму со оваа цел, односно за да се шири страв и несигурност“, додаде Лефков.

22.04.2024 - 16:35

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега