Професорката Билјана Ангелова е нов ректор на УКИМ
Професорката од Економскиот институт Билјана Ангелова е нов ректор на УКИМ.
Според информациите, таа има освоено убедливо најмногу гласови. Двојно помалку гласови има професорот на ФЕИТ Димитар Ташковски, а на последно шесто место е професорот Ратко Дуев.
Во следните три работни дена кандидатите ќе имаат можност и да поднесат приговор. Доколку има потреба од прегласување, тоа ќе биде спроведено на 9 јуни, а конечните резултати од изборите треба да бидат соопштени на 15 јуни.
Ангелова претходно најави дека нејзината визија за Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е тој да прерасне во отворен Универзитет со европски вредности и видлив на меѓународниот високо-образовен и научноистражувачки простор. Трансформацијата на УКИМ во модерен европски универзитет, како што рече таа, ќе се остварува со јакнење на капацитетите со кои располагаме, а тоа сите членови на нашата академска заедница – наставниците, научниците, студентите, администрацијата, традицијата на создавање на врвни вредности и интернационализацијата.
Едни од клучните елементи за идниот развој на најстариот универзитет во земјава, според неа, се развојот на универзитетско претприемништво, создавање на центри на извонредност и зајакнување на истражувачките и иновативните капацитети на факултетите како клучни фактори на успех за долгорочниот економски развој на земјата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа