Продолжува трендот на раст на извозот од ТИРЗ, се очекува до крајот на годинава да надмине три милијарди евра
Економските активности во зоните продолжуваат со трендот на раст и во октомври годинава, покажува редовната месечна анализа на Технолошко индустриската развојна зона (ТИРЗ). Се очекува ваквиот позитивен тренд да продолжи и до крајот на годинава и да се достигне, но и да се надмине границата од 3 милијарди извоз годишно што би била рекордно ниво до сега, велат од Дирекцијата на ТИРЗ.
-Во првите десет месеци од годинава компаниите активни во зоните достигнале извоз од 2,482 милијарди евра што е за 19 отсто повеќе споредено со истиот период лани, односно 8 отсто повеќе споредено со првите десет месеци од 2019 година и за речиси 24 отсто повеќе во однос на 2018 година. Само во октомври компаниите активни во зоните оствариле извоз од 246 милиони евра. И во однос на вкупниот извоз во земјава ТИРЗ останува главен носител на извозните активности со удел од речиси 45 отсто, заклучно со достапните податоци од август годинава, информираат од Дирекцијата на ТИРЗ.
Анализата, додаваат, покажува и раст на увозот во првите десет месеци од годинава.
-Увозот од јануари до октомври 2021 година е 2,441 милијарди евра што е за 43 отсто повеќе во однос на истиот период минатата година, додека споредено со 2019 растот е 15 проценти, односно 46 отсто раст има во однос на 2018 година. Увозот само за месец октомври е 215 милиони евра, прецизираат од Дирекцијата на ТИРЗ.
Во октомври, потенцираат, е регистрирано и највисоко ниво на нето извозот од 14 отсто. Бројот на вработени е стабилен и останува во рамки на годишниот просек.
-Со оглед на тоа дека редовната анализа на ТИРЗ покажува стабилен нагорен тренд на раст на извозот и највисоки економски активности во зоните во првите три квартали од годинава во последниве четири години, се очекува ваквиот позитивен тренд да продолжи и до крајот на годинава и да се достигне, но и да се надмине границата од 3 милијарди извоз годишно што би била рекордно ниво до сега. ТИРЗ истовремено внимателно ги следи и ризиците со глобалните ланци на снабдување и доколку е потребно ќе се предложат мерки за справување со можните последици, порачуваат од Дирекцијата на ТИРЗ.
ТИРЗ,како што посочуваат, активно работи и на повеќе иницијативи, меѓу кои воведување на програми за домашни компании, заедно со ИФЦ наменети за технолошко унапредување и можност за вмрежување на домашните компании во синџирот на набавки, потоа програма за поттикнување на раст на продуктивност, наменета за развој на вештини и поттикнување на продуктивноста на работниците и компаниите, како и нова кампања за презентација на инвестициски можности во странство со цел поттикнување на инвестиции со фокус кон сите индустрии.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа