Приватните автобуски превозници бараат средба со премиерот
Приватните автобуски превозници, кои протестираат со блокада на булеварот „Илинден“ во Скопје, откако не добија одговор на барањето за средба со скопската градоначалничка Данела Арсовска, вчера побараа да бидат примени од премиерот Димитар Ковачевски. Од друга страна, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи се изјасни против одземање на надлежностите на Град Скопје за автобускиот превоз во главниот град, оценувајќи дека тоа би значело враќање 20 години назад во процесот за децентрализација и би било на штета не само на граѓаните, туку и на целокупното функционирање на системот.
Претставникот на здружението на приватните превозници „Слобода превоз“, Ќемал Муриќ вчера изјави дека во услови кога немаат одговор од градоначалничката на Скопје Данела Арсовска на нивното барање за средба, се надеваат дека ќе бидат примени на разговор од премиерот Ковачевски, на којшто би станало збор за актуелната состојба со градскиот јавен превоз. Доколку не се оствари средбата, според него, можно е да се радикализираат протестите.
– Не знаеме кога ќе бидеме повикани. Тоа е на нив, во зависност од обврските на премиерот. Не сакам ни да помислам на тоа што би било доколку не не повикаат. Најверојатно ќе има радикализација на протестите, но сепак за тоа претходно треба да се состане координативното тело на приватните превозници и да ги договориме понатамошните чекори, посочи Муриќ, додавајќи дека градските власти не покажуваат никаков интерес да се обидат да ја решат состојбата.
Претставници на приватните автобуски превозници вчера одржаа средба со в.д. претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, кој порача дека е неопходно да се изнајде решение за нивниот проблем и дека Владата треба посериозно да се ангажира за овој случај.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа