Притвор за скопјанец: Дома си чувал пиштол и над 500 куршуми
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против лице осомничено за кривично дело – Недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
При претрес во домот во кој привремено престојувал 35-годишниот скопјанец, полицијата под креветот пронашла автоматски пиштол „Застава М84 – Скорпион“ со калибар 7,65 мм, кој како оружје им е целосно забранет на граѓаните, како и рамка за тој пиштол. Освен тоа, бил пронајден уште еден пиштол и 72 куршуми со различен калибар, ловна пушка и 14 патрони ловна муниција.
При претрес, пак, во станот во кој осомничениот имал пријавена адреса на живеење биле пронајдени уште 500 куршуми мало зрно со калибар 4 мм.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност да ја попречува постапката со влијание врз сведоците и опасност да го повтори делото.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа