Пристигна првата реакција на Русија за историската одлука на ЕУ за Украина

 

Русија денеска објави дека одлуката на Европската унија да ги отвори пристапните преговори со Украина и Молдавија е политичка одлука која може да ја дестабилизира Унијата и ја пофали Унгарија што и се спротивставува.

„Преговорите за пристапување во ЕУ може да траат со години и децении. ЕУ отсекогаш имала строги услови за пристапување и сосема е јасно дека ниту Украина ниту Молдавија не ги исполнуваат критериумите“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Тоа е политичка одлука“

„Јасно е дека тоа е апсолутно политичка одлука, дека ЕУ сакаше да се солидаризира со тие земји. Сепак, таквите нови членки може да ја дестабилизираат ЕУ и, со оглед на тоа што сме на истиот континент, секако дека внимателно ја следиме“, додаде тој.

Европските лидери на самитот се согласија да ги отворат преговорите со Украина, иако таа моментално е во војна со Русија, која рече дека војната ќе продолжи додека не ги исполни своите цели. Лидерите го надминаа противењето на унгарскиот премиер Виктор Орбан со напуштање на салата во моментот кога се гласаше за историскиот чекор, што Песков го коментираше со иронија.

„Тоа е уникатен случај, некој да се чека да излезе на кафе, па да се носат одлуки во негово отсуство“, рече тој. ЕУ, исто така, се согласи Грузија, која како Украина и Молдавија е поранешна советска република, да стане кандидат за членство.

„Импресионирани сме од Унгарија“

„За наша жал, желбата на ЕУ да ја покаже таа политичка волја во голема мера е детерминирана од желбата да се изнервира Русија што е можно повеќе и да се антагонизира ЕУ во однос на Русија“, рече Песков. Поради унгарската блокада, на самитот не можеше да се договори за 50 милијарди евра помош за Украина.

„Унгарија има свои интереси и, за разлика од многу други земји-членки, цврсто ги брани, импресионирани сме од тоа“, посочи Песков.

15.12.2023 - 14:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега