Претседателот Пендаровски покровител на „2023–Година во чест на Ацо Шопов

 

Претседателот Стево Пендаровски е покровител на чествувањето на стогодишнината од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов, што ќе се одбележи со низа настани во текот на 2023 година.

– Чествувањето на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на великанот на современата македонска литература и култура, Ацо Шопов, е во соработка со Организацијата за образование, наука и култура на ОН – УНЕСКО, којашто на иницијатива на Република Северна Македонија, ја поддржа годината во чест на Ацо Шопов и се вклучи во одбележувањето на јубилејот, се вели во денешното соопштение од Кабинетот на Пендаровски.

Програмата за чествување на стогодишнината од раѓањето на Ацо Шопов предвидува бројни културно-образовни содржини во текот на целата година – мултимедијална уметничка изложба, омаж на Шопов во рамки на филмскиот фестивал Флипбук, предавање и лекторски часови по литература посветени на делото на Шопов, меѓународно чествување во рамки на Струшките вечери на поезијата, гала претстава, промоција на неговите книги, публикации како и научни собири во негова чест.

Почетокот на чествувањето на 100-годишнината од раѓањето Шопов, еден основоположниците на македонската современа книжевност, ќе биде одбележано месецов со објавувањето на препев на англиски јазик на избор од поезијата во меѓународното водечко списание за литература Асимптот. Песните се објавени и на македонски, а една од нив може да се слушне во интерпретација на македонскиот актер Никола Ристановски.

Воедно, како што информираат од Кабинетот на Пендаровски, на 23 јануари ќе се одржи и Третата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, која ќе биде целосно посветена на јубилејот.

Во рамки на одбележување на 100-годишнината, а по повод Светскиот ден на поезијата – 21 март, во седиштето на УНЕСКО во Париз ќе се одржи меѓународен симпозиум во чест на Ацо Шопов, поетски перформанс и изложба. 

20.01.2023 - 15:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега