Претседателката Сиљановска Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Бугарија, Желјазко Радуков

 


Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Бугарија, Желјазко Радуков.

 

На церемонијата на предавање на акредитивните писма, претседателката Сиљановска Давкова на амбасадорот Радуков му посака топло добредојде и успешно извршување на значајната дипломатска функција во насока на унапредување на односите и соработката во позитивен правец што ќе придонесе за зближување на двете земји и граѓаните.

 Претседателката Сиљановска Давкова нагласи дека односите меѓу двете држави за жал не се на посакуваното ниво и не се соодветни за држави кои се непосредни соседи и сојузници во НАТО, од кои едната е членка на Европската Унија, а другата е кандидат за членство со силна посветеност кон ЕУ-интеграцијата.

 

„Неопходна е промена во пристапот преку развој на односите и креирање на позитивна разлика. Во таа смисла, јас како Претседателка на сите граѓани на оваа земја го искажувам моето очекување и надеж дека Вие, почитуван амбасадоре, ќе работите на развивање на соработката во областите од заемен интерес со фокус на предизвиците од секојдневието и иднината“, рече претседателката Сиљановска Давкова, охрабрувајќи го амбасадорот Радуков да работи непосредно како со институционалните, така и со другите чинители во македонското општество: цивилниот и бизнис секторот, културните, научно – образовните институции, медиумите.

 

„Го цениме исклучително важниот и сложен процес на дијалог кој претполага зближување, градење и негување на пријателство, низ заемно почитување на две соседни европски држави и во оваа смисла, сметам дека почитувањето на достоинството, заложбите за европските интеграции и добрососедските односи се целосно комплементарни и заемни интереси на двете земји“, рече претседателката Сиљановска Давкова.

 

Амбасадорот Радуков, на церемонијата на предавање на акредитивните писма оцени дека неговата мисија започнува во особено извонредни околности, посочувајќи дека разорните ефекти од војната во Украина, кризата на Блискиот Исток, последиците од пандемијата, политичката и социјалната поларизација на глобалната заедница нè изложи на ризик.

 

„Најдобар одговор, кажавме во изминатите години, е обединувањето против секоја една безбедносна закана. Досега сите докажавме дека вредноста да стоиме цврсто и заедно пред агресијата и тешкотиите е она што е вредно. Поради секојдневните турбуленции во нашите билатерални односи, како да забораваме дека нашите две земји се сојузници во најмоќниот политички и воен сојуз. Заедничкото членство ни донесе безброј придобивки. Сепак, не сме го добиле бесплатно. Нашите земји ја платија и ќе продолжат и натаму да ја плаќаат потребната цена за да бидат сојузници со сите наши партнери, но и меѓу себе“, рече амбасадорот Радуков, кој посочи на Коридорот 8 како проект кој е важен не само за безбедноста на двете земји, туку и Алијансата.

 

 

„Како таков, тој е далеку од кој било друг аспект на нашите билатерални односи и неговата важност не смее никако да се потцени ниту од цивилна, ниту од безбедносна или воена гледна точка“, рече амбасадорот Радуков.

10.09.2024 - 12:38

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега