Повеќе од половина милион луѓе починаа од загаден воздух во ЕУ

 

Повеќе од половина милион луѓе во ЕУ умреле од загаден воздух во 2021 година, покажуваат податоците на Европската агенција за животна средина, а половина од смртните случаи, како што тврдат, можеле да се избегнат со намалување на загадувањето до препорачаните граници, пишува Гардијан.

Истражувачите од Европската агенција за животна средина (ЕЕА) припишуваат 253.000 предвремени смртни случаи на концентрациите на фините честички во воздухот познати како PM2.5 кои ги прекршиле максималните граници препорачани од Светската здравствена организација за пет микрограми на кубен метар.

Европските истражувачи поврзаа уште 52.000 смртни случаи со прекумерното ниво на азот диоксид, додека тие велат дека 22.000 смртни случаи се случиле поради краткотрајна изложеност на прекумерно ниво на озон.

„Бројките објавени од ЕЕА денес не потсетуваат дека загадувањето на воздухот останува примарен здравствен проблем на животната средина во ЕУ“, рече европскиот комесар за животна средина Вирџиниус Синкевичиус.

Иако загадувањето на воздухот е еден од најголемите убијци во светот, експертите посочуваат дека бројот на жртвите може брзо да се намали доколку земјите ги исчистат своите економии.

Светската здравствена организација, која ги заостри своите насоки за квалитетот на воздухот во 2021 година, предупредува дека ниту едно ниво на загаденост на воздухот не може да се смета за безбедно.

Овогодинешната истрага на Гардијан откри дека 98 отсто од луѓето во Европа дишат воздух чие загадување ги надминува границите дозволени со упатствата на СЗО. Товарот на болеста, како што се гледа во резултатите од ЕЕА, главно паѓа на Источна и Југоисточна Европа.

„Позитивната вест е дека властите на европско, национално и локално ниво преземаат мерки за намалување на емисиите, како што се промовирање на јавен превоз или возење велосипед во центрите на градовите, но и преку ажурирана легислатива“, рече Леена Ила-Мононен, извршен директор на ЕЕА.

24.11.2023 - 15:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега