Потрес во компанијата што го лансира ChatGPT, Сем Алтман сепак не се враќа на главната позиција

Одборот на директори на OpenAI го ангажира коосновачот на „Твич“, Емет Шир, како привремен извршен директор, известува „Аксиос“ цитирајќи извор запознаен со ова прашање. Оваа информација значи дека сменетиот поранешен извршен директор Сем Алтман, кој разговараше со раководството викендов, нема да се врати.

Ненадејното отпуштање на Алтман ја изненади технолошката индустрија бидејќи тој стана заштитно лице на сегашниот подем на вештачката интелигенција, првенствено поради успехот на ChatGPT развиен од OpenAI.

Во петокот попладне OpenAI објави дека Алтман ќе ја напушти компанијата откога нејзиниот одбор заклучи дека тој не бил „постојано искрен во своите комуникации“.

Претседателот Грег Брокман набргу поднесе оставка, а неколку високи истражувачи си заминаа подоцна истиот ден.

„Мајкрософт“, најголемиот инвеститор и деловен партнер на OpenAI, и другите акционери на компанијата, исто така беа изненадени од овој потег, но „Мајкрософт“ сепак рече дека останува посветен на компанијата.

Техничката директорка Мира Мурати беше именувана за привремен извршен директор во петокот и не е јасно каков ќе биде нејзиниот статус сега кога Емет Шир е именуван за привремен извршен директор. Шир се повлече од функцијата извршен директор на „Твич“ во сопственост на „Амазон“ уште во март.

20.11.2023 - 18:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа