Помош и за Сирија, се утврдува што е потребно, најави Ковачевски
Премиерот Димитар Ковачевски најави дека државава ќе испрати помош и за Сирија по разорниот земјотрес со којшто беа зафатени со Турција, а за која Владата вчера на итна седница веќе донесе одлука да испрати помош.
-Нашето Министерство за надворешни работи веќе комуницира и со колегите од Сирија за да видиме што можеме и таму да испратиме како помош, кои се нивните потреби. Штом ќе можеме да идентификуваме кои би биле потребите, согласно нашите можности, тогаш се разбира дека и Сирија е држава која ќе биде помогната од наша страна, рече Ковачевски, на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Посочувајќи дека Владата вчера донесе одлука за испраќање парична помош за Турција, како и војници кои ќе учествуваат во расчистување и пронаоѓање на луѓе заробени во урнатините најави дека ќе бидат испратени и дополнителни професионалци од институциите задолжени за справување со кризи. -Дваесет и двајца војници веќе се на пат со сета потребна опрема и возила. И Министерството за здравство веќе ги комплетира потребите кои може да се испратат, рече Ковачевски.
Ние, посочи, најдобро знаеме што е солидарност, а за тоа сведочат голем број улици што носат имиња на главни градови на држави кои помогнале на Скопје и целата држава после катастрофалниот земјотрес.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа