Помогнете да ја вратиме насмевката на лицето на Бела

 

Бела дојде на овој свет во најтешко можно време — во срцето на глобалната пандемија, кога стравот и неизвесноста беа секојдневие за целиот свет, а за нас, нејзините родители, тој страв беше уште подлабок и посуров.

Првичните медицински прогнози беа мрачни — Бела се соочуваше со сепса, хипоксија и крварење на мозокот. Зборовите што ги слушавме од лекарите беа тешки, речиси без надеж. Но, и покрај сè, малото девојче покажа неверојатна сила. Од првиот миг се бореше со сè што имаше, како вистински борец. И – победи. Го преживеа невозможното.

Но, таа битка беше само почеток на едно долго патување. Денеска, Бела живее со последиците од тие компликации – ѝ е дијагностицирана церебрална парализа, кортикално оштетување на видот и фокална епилепсија. Секој ден ѝ е предизвик, но таа и понатаму чекори со својата препознатлива храброст, со насмевка што не избледува.

„Започнавме со рехабилитација тука, во Македонија, но за подобри шанси ја продолживме и во Србија, Хрватска, Словенија, Грција и Бугарија. Секој пат, со нова надеж, со нова енергија, со нова верба. Благодарение на интензивната работа и стручните тимови, има напредок. Мал, но вреден секој здив.

Сепак, времето е скапоцено. Оштетувањата се длабоки, а шансите за поголем напредок зависат од интензитетот и квалитетот на третманите.Неодамна слушнавме за нов метод – неинванзивен,се спроведува во истражувачки центар во Монтереј, Мексико, и е во процес на одобрување од FDA.За нас, ова не е само надеж – ова е можност Бела конечно да го добие детството што го заслужува.

Се обраќаме како родители и како луѓе што ја чувствува болката на своето дете и што секојдневно се буди со надеж дека ќе ѝ биде подобро.

Помогнете и на Бела да го добие својот глас, својата стабилност, својата детска насмевка на своето лице“, се вели во објавата.

08.04.2025 - 13:35

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега