По денешниот ценовен шок утре е можно ново поскапување на горивата
Утре е можно ново зголемување на цената на горивата по денешниот ценовен шок кога бензинот поскапи за 5,5 а дизелот за 10 денари по литар. Од Регулаторна велат дека поради значителните промени на цените на суровата нафта на светските берзи ја принудуваат комисијата да почне секој ден да носи одлуки со кои ќе ја регулира цената.
„Од ден во ден драстично се зголемуваат цените на нафтените деривати на светските берзи, а дополнително на тоа и курсот на доларот расте, овие се клучни фактори кои влијаат врз крајната цена. Поради сложената геополитичката состојба која се одразува врз цената на енергенсите, а со цел да се обезбеди сигурност и стабилност на пазарот со нафтените деривати и да се заштитат потрошувачите од големи ценовни осцилации, од сега натаму РКЕ ќе носи одлуки на дневно ниво за цени на нафтени деривати, доколку берзанските цени имаат значителни промени. Овој принцип ќе се применува секогаш во состојби на екстремни дневни промени на берзанските цени. За состојбата во нафтениот сектор, РКЕ ја информираше Владата детално и анализите им се ставени на располагање со цел да се носат соодветни одлуки за да се заштити стандардот на граѓаните. Нафтени деривати има во доволни количини, проблем е високата цена, но не само кај нас, туку во цела Европа. Неопходно е сите да се однесуваат рационално во ваква вонредна и непредвидлива состојба, за која не се знае колку ќе трае и со каков епилог“ изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа