По цели 15 години: Муцунски во Австралија „лови" инвеститори

 

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, до 13 февруари престојува во работна посета на Австралија, што претставува прва посета на македонски министер за надворешни работи по пауза од 15 години.

Министерот Муцунски од Мелбрун се обрати преку својот Фејсбук профил:

- Продлабочување на економската соработка со Австралија.  Во рамките на работната посета на Австралија, учествував и го отворив работниот ручек организиран од European Australian Business Council (EABC), водечка платформа за економска и трговска соработка меѓу Европа и Австралија. Заедно со извршниот директор на бизнис советот, Џејсон Колинс, како и дипломати, раководството на институти и тинк-тенк организации, разговаравме за можностите за унапредување на економските релации меѓу двете земји, зголемување на трговската размена и привлекување инвестиции. Посебен акцент ставивме на потенцијалот за соработка во областите на енергетиката, инфраструктурата и новите технологии. Пред претставниците на бизнис-заедницата ги претставив поволностите што државата ги нуди за инвестирање, нагласувајќи дека зајакнувањето на економските врски со Австралија останува еден од приоритетите во билатералните односи, напиша министерот на својот Фејсбук.

 

Тој претходно оствари и средби во Парламентот на Нов Јужен Велс.

- Одличните билатерални односи помеѓу нашите две земји, можностите за нивно продлабочување, како и значењето на парламентарната демократија и институционалната соработка беа во фокусот на денешната посета на Парламентот на Нов Јужен Велс. Во рамки на посетата, остварив средби со спикерот Грег Пајпер, заменик-спикерката Сонија Хорнери и пратеникот Нејтан Хагарти. Ја поздравив иницијативата што овозможува македонскиот јазик да биде дел од образовниот систем и разговаравме за можностите за негово натамошно унапредување. Дополнително, дискутиравме за значајната улога на македонската дијаспора како силна врска помеѓу двете пријателски земји. Македонската заедница во Австралија има важен придонес во општествениот и културниот живот, а нејзината посветеност на зачувувањето на националниот идентитет претставува пример за успешна интеграција и меѓусебно почитување, нагласи Муцунски.
11.02.2025 - 08:24

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега